Европарламентот ја усвои резолуцијата за Македонија

Европскиот парламент, со 486 гласови „за“, 55 „против“ и 29 „воздржани“, ја усвои Резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2013 година. Беа усвоени четири од вкупно седумте предложени амандмани.

Во резолуцијата, предложена од известувачот Ричард Ховит, уште еднаш се повикува Советот на Европската унија, без одложување, да одреди датум за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ, инаку се загрозува стабилноста во земјата и во регионот.

Во исто време, Република Македонија мора да продолжи со реформите и исполнувањето на критериумите за влез во европското семејство.

Европарламентот апелира до Грција да ја искористи улогата на претседавач со ЕУ за дополнителен импулс во решавањето на спорот со името, притоа истакнувајќи дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за започнување на преговорите, иако треба да се решат пред крајот на процесот на зачленување.