МЗТ Скопје Аеродром и Кожув – првата полуфинална двојка

Брзо се опорави МЗТ Скопје Аеродром од почетните слаби неколку минути и со добра игра во продолжението од мечот, убедливо ја совлада Струмица со 100-75. Бранителот на трофејот обезбеди пласман во полуфиналето, каде го очекуваше подобриот од вечерниот меч помеѓу Кожув и Фени Индустри.

Бранислав Џекиќ со осум постигнати поени само во првите 2:30 минути, предводеше серија на Струмица од 10-0, за почеток на натпреварот како што ретко кој очекуваше. Очигледна беше мотивацијата на струмичани во тој прв дел од мечот, сепак, МЗТ Скопје брзо се опорави и пред крајот на првата четвртина направи пресврт и поведе со 16-10. Избраниците на Зоран Мартич знаеја да ја искористат предноста која ја имаа под кошевите, а Струмица тешко успеваше да се спротистави во втората четвртина и на пауза се замина со 32-17.

Тоа што капитенот Тони Грнчаров и центарот Немања Арсиќ недостасуваа во тимот на Слободан Петровски дополнително ја отежна работата на струмичани, додека МЗТ Скопје Аеродром немаше проблем наметнувајќи го својот стил на игра да продолжи да го зголемува водството. Во еден момент во третата четвртина разликата се искачи и до 34 поени (81-47), за во рутинската завршница, бранителот на трофејот да слави со 100-75.

Чековски и Цветковиќ со по 15 постигнати поени беа најпрецизни во победничкиот тим, каде уште Дамјан Стојановски, Кејд Дејвис и Тодор Гечевски завршија со двоцифрен број на поени. Кај Струмица, Џекиќ постигна 19 поени, додека Александар Мареља додаде 14 поени и 9 скокови.

Со оваа победа, бранителот на трофејот МЗТ Скопје Аеродром се пласираше во полуфиналето од Купот во сабота, каде ќе се сретне со Кожув кој го победи Фени Индустри со 76-59 во интересен натпревар за крај на првиот ден од Завршниот турнир на Купот во Охрид.

Во мечот помеѓу Кожуф и Фени Индустри се играше изедначено прво полувреме во салата „Билјанини Извори“ во Охрид, а самиот факт што ниту една од двете екипи не успеа резултатски да се одлепи на повеќе од пет поени разлика, доволно говори за тоа. Сепак, на почетокот на второто полувреме, Игор Мијаиловиќ со една добра игра во одбрана, а потоа и пет поени во низа, го одлепи Кожув на 43-34, а пред крајот на третиот период, Филиповиќ со тројка донесе први двоцифрени 48-38.

И покрај тоа што Фени имаше постојани обиди резултатски да се врати во игра, пред се преку Богоев, Бјелиќ, Ќурчиев и Стефанов, тренерот на Кожув, Марјан Србиновски, користејќи ја подолгата ротација, знаеше како да го зачува високото ниво на концентрација на неговите кошаркари и не дозволи резултатски пресврт. На средина од четвртата четвртина, Пековиќ погоди две важни тројки во серија и откако Кожув поведе со 67-52, го одведе натпреварот во рутинска завршница за конечен триумф од 76-59.

Владимир Филиповиќ со 24 поени беше најдобар поединец кај Кожув, каде меѓу поистакнатите беа и Караџовски и Пековиќ. Кај Фени, Бјелиќ постигна 20 поени со 9 скокови, Ристе Стефанов додаде 14 поени, а Јован Марковски го заврши натпреварот со 12 поени.

Позната е првата полуфинална двојка која ќе се игра во сабота од 17:30 часот. Ќе се сретнат двата победници од денеска, МЗТ Скопје Аеродром и Кожув. Утре на програмата се вторите два четврфинални натпревари, на кои се среќаваат Работнички – Куманово и Лирија – Карпош Соколи.