По неодамнешните акциски контроли на охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај во која пет лица управувале моторни возила под дејство на алкохол, а седум возачи се исклучени од сообраќај, деновиве продолжуваат мерките за поголема безбедност и сигурност во сообраќајот. Денес охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај контрола ќе врши и мерки ќе презема кон неправилно паркираните патнички моторни возила.
Инаку, во текот на викендов, од вкупно 65 алкотестирани возачи, затекнати се две лица кои управувале патничко моторно возило под дејство на алкохол. По тие основи, сообраќајната полиција ги исклучи од натамошен сообраќај, одзеде две возачки дозволи и издаде исто толку платни налози.
Викендов, акциската контрола беше насочена и кон прекршоците што ги чинат пешаците. Вкупно седум пешаци покажале непочитување на светлосните знаци и знаците на сообраќајниот полицаец, а исто толку биле затекнати во преминување на коловозот надвор од обележаниот пешачки премин.
Акциските контроли што во континуитет се преземаат и пред се имаат превентивен карактер, се со цел подигнување на степенот на безбедност и заштита во сообраќајот како и доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Вакви и слични акциски контроли и понатака ќе се спроведуваат кон сите учесниците во сообраќајот што ги кршат одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Оттука, СВР повикува на целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и максимален придонес од сите учесници за поголема безбедност и сигурност во сообраќајот.