Локалитетот „Мауцкер“ заедно со објектите предаден во сопственост на Општина Охрид

Денеска официјално Министерството за одбрана го предаде во сопственост  на Општина Охрид локалитетот „Мауцкер“ со 13-те објекти кои лежат на површина од 1530 квадратни метри како и огромна површина на земјиште.

Градоначалникот Никола Бакрачески се за  заблагодари на Владата на Република Македонија, на Министерството за одбрана и Државниот секретар во ресорното министерство Сашо Стефаноски, кои со денешниот чин на предавање на сопственоста  над  Мауцхер и објектите, на Локалната Самоуправа, битно ќе допринесат во можноста за индустриски развој на Охрид а со самото тоа и за подигнување на животниот стандард на охриѓани.

„Ова за нас е можност конечно да ја реализираме нашата идеја за изградба на индустриска развојна зона на локалитетот „Мауцкер“, што всушност претставува есенцијална потреба на граѓаните на Охрид. Јас на неколку пати сум напоменал дека Охрид за жал е општина со најголема невработеност во државава и најверојатно општина  со најнизок  животен стандард на граѓаните и поаѓајќи од тој податок ние изминативе неколку месеци работевме напорно на реализација на проектот за изградба на индустриска развојна зона што ќе значи нова перспектива во локалниот економски раст на градот Охрид, и секако еден предуслов за креирање на нови работни места а со тоа подигнување на животниот стандард“, – изјави градоначалникот Бакрачески.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, рече дека со предавање на дел од имотот на Министерството и армијата на Општина Охрид се настојува да се поттикне локалниот економски развој во градов.

„Денеска сум посебно среќен затоа што го исполнивме ветувањето што пред неколку месеци им го дадовме на охриѓани а тоа е официјалното предавање  на  локалитетот Мауцкер и неговите објекти на Општината. Со  тоа  на Локалната самоуправа и овозможивме предуслови да даде нова перспектива за охриѓани, односно да формира мала индустриска зона која што ќе значи отворање  нови работни места. Јас сум среќен што како Министерство заедно со Општината ќе допринесеме овој простор да заживее, да се урбанизира и на него да се отворат нови перспективи за охриѓани во поглед на вработувања на лицата  кои бараат работа“, – потенцира Стефаноски.

Инаку, подготовката на планот за „Мауцкер“е во завршна фаза. Направена е работна верзија за изгледот на новата индустриска развојна зона и во тек е тендерот за изработка на главен проект за изградба на зоната. Во наредните неколку месеци, Локалната самоуправа со сопствени средства ќе почне со реализација на проектот.