Општина: Повторно празна реторика на ЛДП од Охрид

Во врска со денешната прес-конференција на ЛДП Охрид,  реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Не е прв пат Либерално-демократската партија од Охрид и нејзиниот претседател, да се служат со инсинуации, лажни обвинувања и конструкции, себеубедувајќи се во правилноста на своите постапки. Веќе стана препознатлива празната политичка реторика на советникот Дејан Блажески и безидејноста во однос на активностите на локалната самоуправа. По кој знае кој пат, Блажески се зафаќа со проектот – лизгалиште, кој од граѓаните беше оценет како полн погодок, а за неговата легалност јавноста беше во детали информирана. И денешното соопштение не е различно од досегашниот начин на изнесување невистини во континуитет, без притоа да се има било каков аргумент како поткрепа на своите банални соопштенија.

Рабирлива е нервозата и видлив е стравот на Дејан Блажески од соочување со правдата, заради изнесување лажни обвинувања и клевети, но и тој и политичката партија на која и припаѓа ќе мора да се соочат со тежината на јавно изкажаниот збор.

Законитоста и транспарентноста се основните постулати на кои се темели сегашното функционирање на општина Охрид. Тоа е тешко разбирливо за охридските либерал-демократи и нивниот претседател, имајќи предвид начинот на кој тие со своите коалициски партнери, надвор од сите логики и законски норми, 8 години практикуваа власт во општина Охрид.

За сите досегашни обвинувања околу начинот и постапката на поставување на лизгалиштето на градскиот плоштад, сега на претседателот на ЛДП од Охрид, дадена му е можност своите тврдења да ги докаже пред судските институции и таму да ги изнесе сите обвинувања со кои веќе два месеци ја замајува охридската јавност.“– стои во реакцијата од Општина Охрид, испратена до медиумите.