Продолжуваат акциите на Ј.П. „Охридски Комуналец“ за почист и поубав град. Покрај подигнување на степенот на хигиена, Јавното претпријатие сака да го имплементира и едукативниот карактер за подигнување на еколошката самосвест кај жителите во секоја урбана заедница на општина Охрид.
По објавата на WebOhrid: Несовесни охриѓани во потрага по нова дива депонија, денес Ј.П. „Охридски Комуналец“ започна акција за расчистување на дивите депонии од градежен шут во У.З. „Видобишта“, на потегот од „Стобекс“ до А.Д. „Жито Леб“ по должина на улицата „Ристо Чадо“. Со специјална механизација темелно се расчистуваат дивите мини-депонии, а потоа теренот се израмнува. Акцијата во оваа урбана зедница ќе се реализира и во наредните денови, а ќе бидат ангажирани и метачите од „Јавна хигиена“ за финално чистење на потегот.