Македонската репрезентација до 19 години ја победи Албанија со 1:0 на вториот контролен натпревар меѓу двете селекции одигран во Струга. Никола Ристевски во првото полувреме (38 минута) го постигна погодокот за триумф на нашата селекција. Надежите на Македонија заслужија победа во натпреварот во кои доминираа, посебно во првото полувреме. Македонија не искористи неколку убави шанси за удвојување на предноста, во воведното полувреме не реализираше Јакимовски, најубавата прилика за втор погодок не ја искористи Демир во 73 минута. Албанија упати еден посериозен удар кон голот на нашата репрезентација.
Нашата селекција предводена од Марио Вујовиќ играше во состав: Ѓорѓев, Ристески, Симовски, Николовски, Терзиев, Добиќ, Јакимовски, Аломеровиќ, Демир, Костадинов и Кресиќ.
„На овој натпревар беше важно психолошки да ја вратиме селекцијата по поразот во Поградец. Радува тоа што играчите покажаа дека имаат карактер да одиграат квалитетен дуел и со многу желба и труд да се изборат за победа. Селектираме многу нови играчи, во составот имаме 15-на фудбалери кои прв пат добиваат шанса и за сите нас беше значајно да добиеме слика за нивниот потенцијал. Одигравме добар натпревар, не искористивме неколку добри шанси, не му дозволивме на противникот да го загрози нашиот гол и заслужено пообедивме. До квалификациите за Европското првенство имаме уште пет натпревари (6 март – Полска, 18 и 20 март -Романија и 1 и 3 април – Словачка) и тогаш ќе го имаме списокот на фудбалери кои ќе го носат товарот на важните квалификациски дуели“, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија до 19 години, Марио Вујовиќ.