На 13 февруари 2014 година, околу 13:30 часот, на граничниот премин Богородица за транзит низ Република Македонија се пријави товарно моторно возило со унгарски регистарски ознаки управувано од унгарски државјанин. За транзитна постапка пријавени се 81.984 парчиња шампон за коса од познатата трговска марка, спакувани во 1.700 кутии, со вкупна тежина од околу 24 тони. Стоката е со потекло од Кипар, наменета за фирма увозник од Виена, Австрија.
При прегледот на документите и возилото, царинските службеници забележале дека покрај несоодветниот транспорт, несоодветната рута на движење, ниската фактурна вредност, несоодветен е и начинот и методот на кој се спакувани шампоните. Поради основано сомневање во оригиналноста на стоката, истата е привремено задржана. Постапувајки по Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектулана сопственoст, Царинската управа го извести застапникот во Република Македонија на носителот на право од интелектуална сопственост на запленетата стока. По увидот во фактичката состојба, застапникот го потврди сомневањето дека се работи за фалсификувана стока, при што согласно законските одредби е започната постапка за докажување.
Според неофицијални сознанија, стоката во пристаништето во Атина е претоварена во камион со цел да биде транспортирана до Виена, од каде требало да биде дистрибуирана на западноевропскиот пазар. Доколку стоката би се продавала како оригинал нејзината вредност би изнесувала повеќе од 200 илјади евра.
Оваа заплена претставува една од најголемите заплени во изминатите години во регионот и е мотив повеќе за вложување поголем напор за справување со светскиот феномен фалсификување и пиратерија.