Ова што го гледате овде е доказ за тоа како ДПМНЕ ја практицира власта во однос на нашето културното и историското наследство. Ова што се случува овде е големо зло – бескрупулозен атак врз најсветата, најзначајната и со векови најзаштитената локација во Охрид. Вака рече на денешната прес-конференција претседателот на ОО на СДСМ Охрид, Томислав Тунтев, која се одржа на Плаошник.
„Овде, на Плаошник, или Имарет – како што со години се охриѓани го нарекуваа ова свето место – се случува страшна и безмилосна армирано-бетонска узурпација и девастација на вековниот духовен простор. Овде се врши сквернавење на нашите историски и традиционални духовни и световни вредности. Ова е местото каде што секој верник или добронамерник, било да е од христијанска или муслиманска вероисповест, како што било со векови наназад, би требало во мир и спокојство да се сплоти со прекрасната природа, со духовните вредности и со историското наследство. Овде им се поклонуваме на моштите на нашиот најголем светец, нашиот вечен патрон, Св. Климент Охридски и славниот охридски добродетел и хуманист Синанудин Јусуф Челеби Охризаде. Но, наместо да ја негуваме традицијата и да го исполниме светиот завет на нашите славни предци, овде никнуваат бетонски чудовишта, на неколку спрата.“ – истакна Томислав Тунтев.
На прес средбта беше речено дека според проценките на надлежните, комплексот ќе содржел вкупно 23 објекти, неговата изградба треба да заврши до 2016 година, што државата, официјално, ќе ја чининело околу 24 милиони евра.
„Во неколку наврати надлежните не’ информираа дека во рамките науниверзитетскиот комплекс ќе функционираат фалултети, институти, библиотеки, галерии и градини. Но, до овој момент, не постои апсолутно никаква активност со која би се потврдила реализацијата на ваквите најави – дали ќе има и кои факултети ќе бидат овде, со колку студенти, кои и какви експерти и од кои светски универзитети ќе предаваат, зошто не постојат никакви индикации или потврди дека теолошкиот факултет или институтот за хуманистички науки ќе бидат префлени овде. Никој ништо не знае, никој ништо не кажува. А ние слушаме дека овде се градат резиденцијални објекти за живеење, репрезентативни објекти за протоколи, комерцијални туристички и угостителски објекти и слично. Во изминатиот период од надлежните институции бевме убедувани дека сите предвидени објекти внимателно биле проектирани и дека естетски немало да ја загрозат Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон. Е па, еве, нека види сега нашата јавност, на што личи ова и дали е така?! Згора на тоа, некои археолози и историчари на уметноста тврдат дека овде се закопани уште најмалку три помали средновековни цркви, кои поради ваквиот начин на градење би можеле да бидат трајно уништени.“ – потенцираше Тунтев.
Како што рече Тунтев се уште надлежните институции од власта на ДПМНЕ не се огласиле со било какво соопштение или информација за јавноста во врска со неодамнешната посета на експертите од УНЕСКО.
„Тоа наведува на заклучокот дека работите воопшто не се такви какви што власта ни ги претставуваше, и дека изградбата на бетонските чудовишта на Плаошник всушност претставува големо зло, со несогледиви последици за Охрид и за нашето културно и историско наследство. ОО на СДСМ Охрид смета дека јавноста има полно право да знае за вистинските причини и целите на посетата на експертите од УНЕСКО, за која никој не кажа ни збор. За прв пат, по 15 години, стручен тим од УНЕСКО дојде во Охрид, за да види на лице место и да оцени што се случува со заштитеното културно-историско и природно наследство во градот, пред се‘ поради изградбата на масивните повеќекатни армирани бетонски зданија овде на Плаошник. Нивната посета воопшто не беше случајна или редовна, каква што сакаа да ја прикажат властите во нашата држава, туку беше иницирана од мегаломанските градежни зафати и атакот врз старото градско јадро. Ако не е така, тогаш зошто одговорните лица од државните и општинските институции одбија да дадат било каква изјава за одржаните средби и зошто меѓусебните разговори сеуште се држат во тајност. Јас тогаш лично побарав и од Претседателот на Советот, и од Градоначалникот, и од нашиот претставник во Националната комисија за заштита на природното и културното наследство, и од координаторот на советничката група од мнозинството во Советот, покрај закажаните средби на тимот од УНЕСКО со Завод и Музеј, со градоначалникот и со Пановски, да се издејствува одржување на средба и со членовите на Советот на Општина Охрид. Избраните претставници на жителите на Општина Охрид – советниците – имаат целосно право да бидат запознаени од прва рака со причините и целите на посетата на експертите од УНЕСКО. Но, од тоа ништо не бидна. И, до ден денес, само молк – не добивме ниту една официјална изјава или било какво соопштение. Охриѓани велат – ни збор, ни прогор.“ – рече Тунтев.
На прес средбата, ОО на СДСМ Охрид уште еднаш им ги постави следните прашања на надлежните лица и институции:
„1. Зошто тврдевте дека неодамнешната посета на експертите од УНЕСКО на Охрид е редовна и вообичаена, кога во прашањебеше наменска посета, со строго дефинирана причина и цел, иницирана поради масивните градежни зафати на Плаошник?!
2. Дали ги запознавте експертите од УНЕСКО со фактот дека градењето на масивните бетонски објекти на Плаошник не се одвива во согласност со усвоен Детален урбанистички план од страна на Советот на Општина Охрид, како што претпоставува вообичаената законска процедура, туку со директива од министерството? И зошто токму тој ДУП сега сакате да биде донесен без јавна расправа, иако цели пет години жителите на Стар град не беа во можност да бидат запознаени со извршените измени и дополнувања на планот?
3. Дали е вообичаена практика кај другите заштитени природни и културни реткости во светот да не се прашува локалното население за мислење и став по однос на преземање градежни активности од ваков обем, каде што во целост се менуваат изгледот, намената и природата на постоечкиот локалитет? Дали е нормално охриѓани, односно охридската стручна, научна и општествена јавност, да не бидат прашани и консултирани за да се произнесат во однос на градежни зафати од ваков вид?
4. Дали им го пренесовте фактот на странските експерти дека опозицијата и еден добар дел од граѓаните на Охрид, и христијани и муслимани, воопшто не се согласуваат со ова што се случува на Плаошник, односно сметаат дека се работи за сквернавење, уништување и омаловажување на нашето историско, културно и природно наследство и на нашите традиционални духовни вредности? Дали на Плаошник им е местото на вакви масивни армирани бетонски објекти на неколку спрата, на асфалтни приодни патишта, на резиденцијални и комерцијални објекти, како и на масивни објекти што, повеќе од очигледно, ќе ги фрлат во сенка постоечките верски објекти?
5. И конечно, зошто се крие од јавноста и не се објавува извештајот од посетата на експертскиот тим од УНЕСКО и нивното стручно мислење и став по ова прашање?“ – прашуваат од СДСМ Охрид.
ОО на СДСМ Охрид ги повикува и апелира до сите релевантни фактори, на кои Охрид им е во срцето и кои го почитуваат културно и историско наследство, да помогнат и да се заложат веднаш и без одлагање да се стопира изградбата на овие бетонски чудовишта на Плаошник, да се отвори јавна, стручна и научна расправа за оправданоста на еден ваков проект, да се изврши детална ревизија на проектот, да се врати оваа локација во ДУП-от и да им се врати одземеното право на охриѓани сами, во редовна законска постапка, да одлучат за иднината на ова свето место.