На пригодна свеченост, денес во големата сала при општина Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески додели 47 договори на основците, средношколците и студентите кои врз основа на претходно распишани конкурс ги исполнуваа предусловите и се добитници на стипендии.
Градоначалникот Бакрачески при врачувањето на договорите им посака понатамошен успех на добитниците, посочувајќи дека истите имаат мотивирачки карактер за нив во поглед на нижење нови успеси.
„ По 1 500 денари за период од девет месеци Општина Охрид , ќе издвојува за 21 талентиран ученика од основното и за 15 ученици од средното образование. По 2 000 денари за истиот тој временски период секој месец ќе добиваат 11 редовни студенти од Општина Охрид запишани на државните универзитети во Република Македонија “, – рече градоначалникот Бакрачески, истакнувајќи дека Локалната власт прави напори за создавање услови кои ќе ги задржат младите талентирани луѓе во Охрид.
„ Токму тие генерации кои што надоаѓаат ќе бидат идните градители на Охрид и на заедницата и сметаме дека со сите оние предуслови кои што ние ги создаваме во локалната самоуправа во поглед на економски раст и развој на Општина Охрид ќе придонесеме да генерациите кои надоаѓаат постигнуваат значителни резултати во градење на општите вредности во градов “,- истакна градоначалникот.
Учениците и студентите добитници на стипендии врз претходно распишани конкурси, требаше да исполнат претходни услови остварен одличен успех односно просек од најмалку 8,00 во текот на школувањето, односно студирањето, талентираноста на ученикот- студентот, да е дете на самохран родител, како и материјалните можности на ученикот – студентот и нивните семејства. Ова значи дека од вкупно 61 апликант предусловите ги исполниле 47 .
Според најавите на локалното раководство доделувањето на стипендии за ученици и студенти ќе стане практика која Општина Охрид ќе ја применува секоја наредна учебна односно студиска година.