Министерот за надворешни работи Попоски се сретна со неговиот германски колега Штајнмајер

Министерот за надворешни работи Никола Попоски оствари работна средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер.

Попоски информираше за реформите кои ги спроведува Македонија поврзани со интеграциите во ЕУ. Се осврна на актуелниот статус, остварените резултати во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.

Во врска со средбата министерот Попоски изјави:

“Дискутиравме околу регионалниот контекст и важноста на евроинтеграциите за долгорочна стабилност. Споделена оценка дека кредибилноста на процесот е интерес на кандидатите, но и на членките на ЕУ. Оценка е дека клучот е во економскиот развој. Најважни се реформите кои ќе обезбедат поволна економска клима и оддржлив раст. Германија има интерес напредокот кон ЕУ да биде базиран на остварувањата. Воедно почитувањето на меѓународното право денес е уште поважно колку за кандидатите, толку и за самата ЕУ. Корисно е тоа да биде водилка во носењето на одлуки во Советот на ЕУ. Во продолжение: “Добив јасна порака дека Германија има интерес да ја види Македонија во ЕУ. Притоа процесот со кандидатите би се водел врз воспоставените принципи и имајќи ги предвид научените лекции од претходните проширувања. Бундестагот е подржувач на силна ЕУ а таква ЕУ е со Балкан во неа. Тоа е и македонски интерес”, истакна министерот Попоски.

Во рамките на својата посета на Германија, Министерот за надворешни работи Никола Попоски имаше свое обраќање пред Комисијата за европски прашања на Германскиот Бундестаг. Тој ги презентираше достигнувањата во повеќе сфери, пред се заложбите на Владата за економски реформи и раст како врвен приоритет, но и предизвиците со кои се соочува Република Македонија на својот евроинтегративен пат. Во оваа насока побара од германските пратеници поддршка за натамошно придвижување на ЕУ интеграцискиот процес. Попоски одговараше на прашања поставени од пратениците.

Исто така, министерот Попоски оствари посета на германскиот Бундестаг, каде се сретна со повеќе пратеници од редовите на Христијанско демократската унија и Социјалдемократската партија кои се познавачи на регионот и на Република Македонија. Акцент во разговорите беше ставен на перспективите на нашето членство во ЕУ и НАТО и формата на конкретна поддршка која СР Германија е во позиција да ја пружи. Министерот Попоски се осврна на важноста од повидлива поддршка од страна на германскиот Парламент со цел забрзување на процесот на интеграција.

Беа остварени средби и со советниците на германската Канцеларка Ангела Меркел за надворешна и безбедносна политика како и европски прашања.

Министерот Попоски учествуваше и на работен брифинг во организација на Фондацијата Конрад Аденауер од Берлин, при што беа разменети мислења за актуелните регионални предизвици и видувања околу можностите за македонската интеграција во ЕУ.

“Фондацијата Конрад Аденауер е важен партнер за проектот – Македонија во ЕУ. Тоа се луѓе со визија кои работат за остварување на идејата за Европа – цела, слободна и просперитетна”, заклучува министерот Попоски.