Во насока на заложбите на општина Охрид, да се направи квалитетна програма за поставување урбана опрема за 2014 година, која што ќе ги отстрани слабостите од минатите години, денес градоначалникот Никола Бакрачески оствари работна средба со сопствениците и претставниците на угостителските објекти од градов. Во дирекната меѓусебна комуникација двете страни, Општината и угостителите ги разгледаа сите предлози за кои сметаа дека се добро решение за охридското угостителство.
„Денес со угостителите поразговаравме околу заложбите на Локалната самоуправа да излезе во пресрет на нивните барања во делот на можноста за намалување на закупот за поставување урбана опрема и евентуално намалување на тарифата за комунална такса. Се разговараше за можноста од воведување на зонска наплата односно поделба на Општината на зони врз основа на кои што ќе се создаваат различни тарифници. Третата област на која разговаравме е периодот за кој што ќе се прави закуп. Со оглед на тоа што до сега најкраток период на кој што се издаваше закуп беше шест месеци ние сметаме дека од оваа година треба да внесеме еден пократок период од три месеци. Со тоа сметаме дека ќе излеземе во пресрет на оние локали односно угостителски објекти кои што навистина работат пократок период во годината. Од средбата произлегоа многу конструктивни предлози, рагледавме неколку аспекти околу толкување на законот за комунална такса“, – изјави градоначалникот Никола Бакрачески, непосредно по средбата.
Угостителите задоволни од средбата, и од тоа што Општината има слух и бара начин заеднички да ги решат проблемите со кои се соочуваат.
„Сметам дека на оваа средба се изнајде доволно слух и разбирање од страна на Локалното раководство за начинот на решавање на проблемите со кои се соочуваме ние, угостителите. Намерата ни е да дојдеме до еден попостојан, подолгорочен но квалитетен заклучок односно решение“, – рече пртседателот на охридскиот еснаф на угостители, Михаил Мишев.
Во насока на транспарентно работење и дирекни комуникации со граѓаните градоначалникот Никола Бакрачески најави многу вакви средби со своите сограѓани.