Брзи, прецизни хируршки интервенции без употреба на конци и крварење овозможува апаратот за препарирање ткива што првпат е набавен на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија.
Овој т.н. генератор за фузионирање крвни садови, вреден 2,975 милиони денари, е веќе пуштен во употреба. Се користи при интервенции за хранопровод, бели дробови, дојка и тироидна жлезда. Мобилен е, што овозможува, кога е потребно, негово користење и на другите клиники.
„Станува збор за најсоврмен апарат, вид златен стандард во васкуларната хирургија. Овозможува поголема безбедност при интервенциите преку минимизирање на евентуалните грешки и компликации. Досега со него се направени околу 50 зафати“, рече министерот за здравство Никола Тодоров по денешната посета на Клиниката.
Според директорот на Клиниката проф. д-р Зоран Спировски, генераторот обезбедува максимална безбедност за пациентот и хирургот. Поседува специфичен софтвер, го препознава ткивото и дава онолку енергија колу што е потребно за да се обработи.
„При отворање кожа, масно, белодробно ткиво,… се оневозможува оштетување на другото, здраво ткиво, крварење, како и повреда на околните органи. Уште поважно е обезбедувањето трајна хемостаза, трајно сопирање на крварењето без буквално капка крв надвор од организмот. Со тоа се заштедува во трансфузијата, се скратува можноста за компликации и времето на болнички престој“, објасни Спировски.
Досега, покрај стандардните дијатерми, во овие хируршки интервенции, како што рече професорот, се користел сличен апарат, но далеку понесовршен, кој оштетувал дел од здравото ткиво.
Министерот Тодоров денеска информира и дека за Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) се обезбедени и 20 нови аспиратори кои, исто така се веќе ставени во функција. Сега, нагласи, ќе може да се користи посебен аспиратор за секој пациент што ќе го елиминира ширењето на интрахоспитални инфекции.
Вкупната вредност на опремата за двете клиники изнесува околу четири милиони денари.
Одоговорајќи на новинарско прашање, Тодоров рече дека е во тек набавката и на други најсовремени апарати, кревети, душеци,…, за потребите во здравството, инвестиција вредна 720 милиони денари или повеќе од 11 милиони евра. Во овој дел не се вклучени предвидените биохемиски реагенси што ќе чинат дополнителни 10 милиони евра.