СВР Скопје–Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против М.Р. (56) од Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело – “фалсификување службена исправа“.
Пријавената како службено лице, матичар вработена во Министерство за внатрешни работи, Управа за внатрешни работи-Сектор за управни работи Скопје, на 13.10.2010 година, како матичар во Месна канцеларија Шуто Оризари, примила – “Записник за прием на пријава за стапување во брак“ помеѓу лицата М.А. од Скопје и А.Р. од Белград кој прием го потврдила со свој потпис ставен на записникот во рубриката „потпис на матичарот“.
Во прилог на записникот биле доставени ИМКР за А.Р. и А.М. каде во рубриката „забелешки“ било наведено дека лицето А.М. на 13 октомври 1989 година склучил брак со Х.А. од Митровица- Косово, и го задржал своето презиме во МКВ Тетово. Меѓутоа, овој важен податок М.Р. не го внела во службените книги за да потоа може барањето за стапување во брак да биде одбиено се додека не се достави доказ за престанок на претходниот брак.
Прифаќајќи ги доставените изводи како уредни документи, иако била должна да го одбие барањето за склучување брак како неосновано, пријавената го склучила бракот помеѓу А.Р. и А.М., спротивно на законските прописи и истиот на 13.10.2010 година своерачно го запишала во матичната книга на венчани во МК Шуто Оризари каде со своерачен потпис во својство на службено лице го потврдила бракот. Со ова, на А.М му овозможила „двобрачност“ а воедно на брачните другари им овозможила да се служат со ИМКВ со невистинита содржина и во правниот промет да ги остваруваат своите права што произлегуваат од бракот.
На 01.08. минатата година до СВР Скопје ЕЕКК од страна на Министерството за правда –Управа за водење матични книги Скопје е доставено известување со сомнение дека службеното лице М.Р. склучила брак помеѓу горенаведените лица иако едно од лицата имало претходно склучено брак кој не е престанат ниту по еден законски основ, со што постапила спротивно законските прописи. Извршени се проверки во Министерство за правда –Управа за водење матични книги Скопје, од каде е обезбеден препис од матичната книга на родени каде бил заведен уписот на раѓање на Р.М. (кој подоцна со решение го сменил презимето во А.М.) при што во рубриката дополнителни забелешки и прибелешки имало ставена клаузула дека истиот склучил брак со Х.А. и го задржал своето презиме во МКВ Митровица, од што е констатирано дека бракот бил склучен во Митровица Косово, а не во Тетово, како што било наведено во дописот. Преку Секторот за меѓународна полициска соработка извршени се проверки во Косово во однос на склучениот брак помеѓу А.М. и Х.А. и од страна на ИЛО УНМИК е доставен одговор со кој е потврдено дека во матичната книга на венчани во Митровица е заведен брак помеѓу истите.
Покрај ова СВР Скопје–Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава и против Е.Е. (28) од Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело – “фалсификување исправа“.
Пријавената иако знаела дека е невработена, а знаејќи дека еден од условите за стекнување со право да се склучи стандарден претплатнички договор со Т-Мобиле Македонија АД Скопје, е да се достави доказ – ’Потврда за работен однос“ заверена од претпријатието каде подносителот на барањето е вработено, на 05.01. минатата година во продажен салон на Т-Мобиле поднела две Барања за склучување на договор за засновање на претплатнички однос за пристап и користење на јавните комуникациски услуги при што во прилог кон барањата приложила копија од нејзина лична карта и употребила Потврда за работен однос за која знаела дека е со невистинита содржина, односно дека наводно е вработена во ТДПТУ „Мини Ефтинија“ ДООЕЛ Скопје, заверена со штембил од наведеното претпријатие на 04.01. 2013 година.
Од страна на Т-Мобиле Македонија АД Скопје до СВР-Скопје – ЕЕКК доставена е кривична пријава со прилог документација со која се потврдува дека Е.Е. на 05.01. 2013 година во продажен салон на Т-Мобиле поднела две Барања за склучување на договор за засновање на претплатнички однос за пристап и користење на јавните комуникациски услуги. Истиот ден, барањата и биле одобрени, склучени и тоа два стандардни претплатнички договори и два анекси кон истите за користење на поволности од понуда 24 со кои и било овозможено непречено користење на услугите на мобилната телефонија преку мобилната телефонија на два телефонски броја и по повластена цена и биле доделени два мобилни телефони. Е.Е., иако невработена, употребила Потврда за работен однос со невистинита содржина како еден од условите да ги склучи гореспоменатите договори кои своерачно ги потпишала.
Во јануари 2013 година преку реализирање на месечни разговори на двата телефонски броја, Е.Е. направила сметки, кои износи заедно со износите за февруари 2013 год и разликата во повластената и редовната цена за земените телефонските апарати изнесувале вкупно 873.006 денари, за кој износ го оштетила Т-Мобиле Македонија АД Скопје. Извршени се проверки во Агенција за вработување на РМ Центар за вработување на град Скопје и добиено е известување дека Е.Е. не била вработена во наведеното правно лице, со што се потврдува дека употребила лажна исправа како вистинска.