Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, се обрати пред учесниците на првата сесија од Меѓународниот младински лидерски форум, организиран по повод 10 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски.
„На овој форум ќе се говори за младите и нивните перспективи во Република Македонија поврзано со образовните реформи и можностите кои им се даваат на младите, водејќи се од интересите и потребата да се достигне крајниот резултат, а тоа е квалитетот и нивна конкурентност особено на пазарот на трудот“ – посочи Ристовски.
Во своето обраќање, министерот Ристовски рече дека политиките кои ги креира институцијата со која тој раководи секогаш ги има предвид потребите и интересите на младите кои се креативниот потенцијал на секоја земја и додаде дека сите конструктивни забелешки што ќе бидат изнесени на форумот ќе бидат земени предвид во креирањето на натамошните образовни политики во Република Македонија.
Според министерот Ристовски, трагично загинатиот претседател Борис Трајковски бил човек кој давал јасна и недвосмислена поддршка на младите луѓе во Република Македонија, имал јасна перцепција за квалитетен образовен систем кој ќе биде конкурентен не само во европски, туку и во светски рамки и тоа е пример кој треба да се следи.
Со оваа забелешка се согласи и професорот Исмет Рамадани, според кого, Трјковски секогаш и во секоја можност им давал поддршка на младите, порачувајќи им притоа да се фокусираат и да ја изберат иднината пред минатото.
Професорот Рамадани им посочи на младите дека мора да веруваат во перспективата и во иднината, бидејќи се дел од она што се случува во земјата.
„Сакам да им кажам и да им порачам на младите не е добро за земјата ниту за нив доколку престанеме со градење демократски институции, доколку немаме квалитетно образование, но и ако дадеме можност за ширење на организиран криминал и корупција која по мене е нешто полошо од лоша идеологија“ – рече тој.
На дводневниот Форум, кој се одржува деветта година по ред во организација на Меѓународната фондација „Борис Трајковски“, учесниците ќе разговараат за перспективите и предизвиците на младите луѓе, како и можностите за побрзо и поквалитетно вклучување на пазарот на труд.