Доделени наградите за есеј во чест на претседателот Борис Трајковски

Во пресрет на одбележувањето 10 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, денеска беа доделни наградите за најдобар есеј на тема „Верувам во Македонија“.

Министерството за образование и наука на 28-ми јануари објави конкурс наменет за учениците од средните училишта во Македонија. Од пристигнати 117 есеи, комисијата ги избра трите најдобри.

Првото место му припадна на есејот „Пиреј“ на Катерина Караманова од Струмица, второ место зазема есејот „За Македонија“ на Марија Колевска од Скопје, а третата награда заврши во рацете на Елизабета Муканова од Струмица.

Секоја од нив доби парична награда, таблет-компјутер и книга за животот и делото на Борис Трајковски.

„Есеите требаше да бидат оригинални, со силен израз и мисла која ја отсликува наведената тема на натпреварот и не подолги од 500 зборови. Беа разгледувани и оценувани од страна на посебна комисија формирана за оваа намена, при што 23 од нив беа дисквалификувани бидејќи не ги исполнуваа условите од конкурсот“, рече министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

На добитничките на наградите им честиташе и Вилма Трајковска, сопруга на Борис Трајковски, која истакна дека и е посебно драго што две од наградените ученички се од училиштето во кое учеше поранешниот претседател на Македонија.

„Овие прекрасни есеи се инспирирани од верувањата на Борис Трајковски. Неговото мото од кое се водеше беше „Верувам во Македонија“. Тој најмногу веруваше во младите“, рече Вилма.

Сопругата на прерано загинатиот Трајковски се заблагодари на МОН за вложените напори да се реализира овој прекрасен конкурс.