Република Македонија, како една од земјите-основачи на меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, годинава, со финансиска поддршка на Министерството за култура, активно ќе биде вклучена во одбележувањето на десетгодишнината од востановувањето на оваа еминентна организација чија цел е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивното промовирање како трајни и универзални вредности во глобални рамки.
Почнувајќи од 2004 година, нашата земја даде особен придонес во решавањето на заедничките предизвици на Форумот на словенските култури, а довербата и поддршката што ги има Република Македонија, беа потврдени минатата година на министерскиот состанок во Република Словенија кога министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше назначена за претседател на Управниот одбор на оваа меѓународна фондација.
Одбележувањето на десетгодишниот јубилеј на Форумот на словенските култури ќе започне во април кога Архивот на Македонија ќе биде домаќин на заедничката изложба „Главните градови на словенските земји преку архивски материјал“, која минатата година со голем успех беше претставена во седиштето на УНЕСКО. Јубилејното чествување ќе продолжи со заедничката изложба на земјите-членки „Словенските карневали“, која ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО во Париз во рамките на традиционалното одбележување на Денот на словенската култура. Носител на македонскиот дел на оваа заедничка изложба е Заводот и музеј од Битола. По претставувањето на изложбата во УНЕСКО, Република Македонија ќе биде првиот домаќин на изложбата во чии рамки ќе биде реализиран и проектот „Да го пробаме заедничкиот вкус на словенските кујни – словенските традиционални јадења“.
Во втората половина од годинава ќе биде реализиран и третиот семинар од доменот на музејската дејност, посветен на театарските поставки во музеите. Во рамките на настанот, ќе се организира и концерт на музички ансамбли кои ќе го презентираат нематеријалното културно наследство на земјите-членки на Форумот. Исто така, за првпат ќе се доделат нововостановените награди на Форумот на словенските култури за најдобар словенски музеј и за најдобар проект од областа на заштитата на културното наследство. Дел од јубилејното чествување е и поставувањето на заедничката детска изложба „Мој портрет за музејот“, која веќе беше презентирана во УНЕСКО во 2012 година.
Во текот на 2014 година, во рамките на долгорочниот проект „100 словенски романи“, кој почна да се реализира со самото основање на Форумот, издавачката куќа „Слово“, со поддршка од Министерството за култура, ќе го преведе и ќе го отпечати делото „Волчја ноќ“ на словенечкиот реномиран писател Владо Жабот.