Со музичко сценски настап на младите музички таленти, и со врачување на благодарници на Фондацијата „Македонија 2025“ и на градоначалникот Никола Бакрачески, денес во основното Музичко Училиште „Методи Патче“, јавно беше изразена почит кон фондацијата „Македонија 2025“ која на училиштето му подари 5.300 долари кои ќе бидат наменети за купување нови музички инструменти.
„Во рамки на глобалниот инвестициски самит што се одржа во месец октомври 2013година учениците од ова училиште одржаа Класичен хуманитарен концерт кој не воодушеви на сите присутни. Тогаш одлучивме финансиски да дадеме допринос за ова училиште од кое излегуваат успешни кадри. Се надевам дека инструментите кои ќе бидат купени со нашата донација ќе им послужат на сегашниве и идни музички генерации и понатака да ја претставуваат Македонија во најдобро светло. Ние како фондација сме отворени да препознаеме секакви добри иницијативи кои поттикнуваат културен и уметнички напредок на Македонија “, – рече Зоран Мартиноски од бордот директори на Фондацијата „Македонија 2025“.
Градоначалникот Никола Бакрачески заблагодарувајќи се за донацијата и за постигнатите успеси на нашите музички таленти истакна дека во иднина поддршката на Локалната Самоуправа до ова основно училиште континуирано ќе се зголемува, се со цел овие успеси да продолжат и во иднина.
„Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на фондацијата 2025, која ја овозможија оваа донација, која што е од драгоцена вредност за ОМУ „Методи Патче“, да се заблагодарам на директорката на училиштето и на целиот професорски кадар за сите достигнувања кои ги постигнаа во 2013 година, со кој што градот Охрид се гордееше, и се уште се гордее. Вие како училиште сте навистина едни од најдобрите во градов“. – потенцира градоначалникот Бакрачески.
При врачување на благодарниците директорката на училиштето Нина Момироска рече дека парите донираа таму каде се најпотребни кај младите музички таленти односно за купување на нови музички инструменти кои им се потребни
„Од името на нашите ученици, од мое лично име, и од името на сите вработени, едно големо благодарам до фондацијата Македонија 2025 и ветуваме дека и понатака, наш приоритет ќе биде откривање на младите музички таленти, развојот на нивниот талент и поддршка од наша страна “, – рече Момироска.
На денешната свеченост присутните во ОМУ „Методи Патче“ проследија три настапи на кои учествуваа 6 ученици.