Со пригодни типизирани предавања, денес СВР Охрид го отпочна проектот „Образованието и полицијата против дрогата во заедницата“. Проектот денес ќе се реализира пред професорите и психолошко-педагошките служби во средното училиште „Св.Климент Охридски“, а во наредниот период и пред учениците и родителите. Проектот потоа ќе биде презентиран и пред останатите средношколски центри на подрачјето.
Овој проект претставува продолжение на проектот „Дрога – вистина и заблуди“ што во периодот од 2008 до 2012 година, пред околу 25000 ученици од основните и средните школи, наставници и родители, во неколку општини и населени места, се спроведе по иницијатива на портпаролот на СВР Охрид.
Во насока на намалување на штетите од злоупотреба на опојни дроги и добивање прецизни информации за ова зло, предавањата ќе ги спроведе обучен едукатор за оваа област. Проектот „Образованието и полицијата против дрогата во заедницата“ СВР Охрид го спроведува во координација и соработка со одделението за образование при Општина Охрид.