СДСМ: Правото за материјално обезбедување на невработени лица по основ на стечај им е ускратено на поголем број работници во А.Д. ЕМО Охрид

Општинската организација на СДСМ Охрид, испрати соопштение до медиумите, во кое стои: 

„Минатиот петок од медиумите дознаваме дека започна да се применува Законот за материјално обезбедување на невработените лица по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок. Од Министерството за труд и социјална политика очекуваат со овој Закон да се опфатат околу 3.000 невработени граѓани, односно стечајци или пак невработени по основ на технолошки вишок и ликвидација. Тоа значи дека сите оние кои останале без работа во периодот од 2000 година до крајот на 2013 година, а имаат работен стаж повеќе од 25 години и работеле во претпријатија во доминантна сопственост на државата, имаат право во наредните 30 дена да поднесат барање до Агенцијата за вработување на Република Македонија и да добијат материјално обезбедување во износ од 7.100 денари, плус здравствено осигурување. Меѓутоа, ова право им е ускратено на поголем број работници во А.Д. ЕМО Охрид, само поради несовесното, нестручното и незаконското работење на раководната структура во овој некогашен охридски индуструски гигант. Имено, во мај минатата година, непосредно пред да биде прогласен стечај во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори, член на Одоборот на директори, Извршниот директор и Управникот на ДООЕЛ ЕМО Производство, сите луѓе од ДПМНЕ, од лични и партиски интереси им понудиле на дел од вработените во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори да извршат трансфер во ДООЕЛ ЕМО Производство. Притоа, на тие луѓе им било ветено дека ќе имаат редовна работа, дека редовно ќе земаат плата и дека редовно ќе добиваат сини картони. Останатите нивни колеги, кои не биле ревносни и послушни партиски извршители за ДПМНЕ, биле оставени во друштвото што отиде во стечај. Кутрите работници, излажани од добиените ветувања, надевајќи се дека ќе земаат плата и сини картони, дале отказ во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори и потпишале нови договори за работа. Но оттогаш, еве веќе 9 месеци, ниту виделе плата, ниту виделе син картон. Да е трагедијата за нив уште поголема, тие ја изгубиле можноста да станат стечајни работници, па сега да ги искористат условите и можностите што ги дава новиот Закон. Ниту ќе можат да добијат 7.100 денари надомест, ниту ќе можат да се надеваат на здравствено осигурување. Овие излажани работници само ќе останат да фигурираат како вработени, без никаква можност да добиваат плата и сини картони за бесплатна здравствена заштита. Голготата за овие и за останатите работници во ЕМО, која трае неколку години, продолжува и понатаму. Сите се сеќаваат на времето кога раководните структури на ДПМНЕ со вреќи полни со пари се шетаа низ претпријатието и со притисок и закани им ги купуваа акциите на работниците. Државата, како доминантен сопственик, во изминатите 8 години поставуваше партиски директори и раководители во ЕМО, кои го раскрчмија целиот имот и кои земаат големи плати, за сметка на несреќата на работниците. Сето тоа се случува во фирма, чиј статус власта на ДПМНЕ упорно одбива да го реши неколку години, поигрувајќи си со судбините на луѓето што останаа целосно обесправени и понижени. Но, за ДПМНЕ, личните и партиските интереси се многу поголеми и позначајни од интересите на обичниот работник.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.