Младински Совет Охрид во текот на месец февруари заврши уште еден циклус на работилници од програмата за здравство и превенција. Во текот на овој месец се реализираа 13 работилници на тема „Разрешување на конфликти“ на кои учество зедоа 280 ученици од сите основни училишта во Охрид, Велгошти, Пештани и Лескоец.
Целта на овие работилници беше стекнување знаења и вештини за конструктивно разрешување конфликти преку согледување на потребите и интересите на двете страни кои се наоѓаат во конфликт. Начинот на кој се реализираа работилниците беше интерактивен со примена на техники кои поттикнуваа свесност кај учениците за сопствените начини на реагирање во конфликтни ситуации и создавање на вештини за конструктивно разрешување конфликти.
Учениците, терминот конфликт најчесто го дефинираат како кавга, расправија, спротивставување, војна, а најчести причини за јавување на конфликт се: слаба комункација, недоразбирања, спротивставени мислења и сл. Во конфликтни ситуации младите реагираат бурно, надевајки се дека другата страна ќе попушти.
Младите, разгледувајќи конкретни конфликтни ситуации, смислуваа конструктивни решенија кои ќе ги задоволат потребите,желбите и интересите на двете страни.
Учениците на работилниците, дискутирајки, стануваа свесни дека во ситуација на конфликт најважно е да постои добра комуникација меѓу двете страни, а за да се смислат конструктивни решенија потребно е двете страни да ги разгледаат нивните потреби. Од страна на учесниците беше истакнато дека доколку се задоволи потребата само на едната страна преку попуштање, тогаш нема да има трајно разрешување на конфликтот туку има опасност од повторно појавување. Тогаш кога ќе имаме позитивни решенија во кои двете страни ќе бидат задоволни ќе се јават позитивни чувства на задоволство, среќа, исполнетост и конфликтот ќе биде решен.
Учениците се чувствуваа задоволни по завршувањето на активноста и станаа свесни за сопственото однесување кое најчесто го пројавуваат во ситуации на конфликт. Свесноста кај учениците се проширува во оној момент кога ќе сфатат дека задачите им се спротивставуваат, т.е се наоѓаат во конфликтна ситуација, тогаш дел од учениците настојуваат решението да го пронајдат по пат на договор, а дел од нив попуштаат кога се во конфликтна ситуација задоволувајќи ги потребите на другата страна со цел побрзо смирување на конфликтот.
Со овие интерактивни работилници учениците се мотивираат за конструктивно решавање на конфликти низ стекнување вештини за слушање, емпатија, асертивност, создавање лична одговорност за сопственото однесување, при што стануваат свесни за своите потреби и интереси, и учат за соодветни начини на комуникација кои го спречуваат создавањето на конфликтите.