Со комеморации во Македонија и во Босна и Херцеговина денеска беше одбележана десетгодишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Семејството и бројни делегации положија венци на гробот на Трајковски во Алејата на великаните на гробиштата во Бутел.
Македонска делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов присуствуваше на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски во Ротимље, на местото каде што се урна авионот.
– Македонија загуби голем државник и визионер со европска и евроатлантска стратегија, регионот миротворец посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебно разбирање и почитување, а светот пак човек со големо срце кој со својата добра мисла ги поврзуваше луѓето каде и да одеше. Ближните загубија сакан сопруг, татко, син, брат, роднина, пријател…, истакна претседателот Иванов.
Како што јави известувачот на МИА од Мостар, во нашата делегација беше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, претставници на АРМ, а венци свежо цвеќе на спомен обележјето положија и претставници на највисоките власти на БиХ, како и претставници на здруженијата на Македонците во БиХ, македонските миротворци дел од АЛТЕА и Марија Трајковска внука на починатиот претседател.
– Денес 10 години подоцна сеуште чекаме да се исполни визијата на Борис Трајковски за европска Република Македонија. Уверен сум дека неговиот сон и сонот на секој македонски граѓанин за Македонија, како полноправна членка на ЕУ и на НАТО ќе биде остварен, изјави Иванов. Потсети дека последниот документ врз кој Трајковски го стави својот потпис беше апликацијата за членство на РМ во ЕУ.
Секогаш доследен на своите вредности, додаде Иванов, тој сакаше благодатта од мирот и стабилноста да ја почуствува целиот регион што се уште закрепнуваше од траумите на поделбите, изолацијата и конфлитктите. – Борис Трајковски го вложи сиот свој авторитет на ценет државник и политичар, за да му понуди на регионот еден нов светоглед. Светогледот на дијалогот како предуслов за градење доверба и заедништво меѓу луѓето, државите и народите, истакна тој.
Шефот на државата, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека за еден месец се очекува финалниот извештај од повторената истрага затоа што, како што рече, се сметаше дека првиот не ги задоволува сите барања и сите елементи не беа содржани. – Да се надеваме дека овој извештај ќе ги расветли сите околности и ќе ја имаме вистинската претстава за оваа трагедија, изјави Иванов.
Претседавачот на босанското претседателство Желко Комшиќ рече дека покојниот претседател Борис Трајковски беше пријател на БиХ, пост политичар, дипломат и државник.
– Болката што неговото семејство ја чувствува веќе десет години, за жал неможеме да понудиме утеха, туку само сочувство во надеж дека семејството ќе дојде до вистината и ќе го добие заслужениот мир во своите души. БиХ изуби голем пријател, а целиот регион голем лидер, изјави Комшиќ.
На патот од местото на несреќата во првите куќи кон Ротимље овој топол и сончев 26 февруари сретнавме еден од мештаните, кој рече дека се сеќава на несреќата, дека тоа утро не чул ништо, но оти ја видел колоната на СФОР како оди одоздола. Негов постар сосед и роднина видел некого или нешто, како што вели таму горе.
На брдото Матиќ, кај спомен плочата во Ротимље се обележани местата односно точките каде што удирал авионот пред конечно да се урне. И денеска таму беа некои од соработниците на Трајковски и членовите на неговиот кабинет, кои го чекаа претседателот во Мостар на 26 декември 2004 година.
Во македонското Собрание и во Министертвото за надворешни работи пред неколку дена се одржа меѓународен младински лидерски форум „Перспективите и предизвиците на младите луѓе“ по повод одбележувањето 10 години од загинувањето на Трајковски, а беше организиран од Меѓународната фондација која го носи неговото име.
По повод 10-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, деновиве се одржа и меѓународен религиски форум на тема „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“, организиран од Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.
За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.