Македонија нуди најконкруентни услови за правење бизнис во регионот. Тоа го забележаа повеќе странски компании кои веќе работат во Македонија, а некои од нив одлучија и да реализираат своја втора инвестиција.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски синоќа на бизнис форум во Дизелдорф пред претставници на повеќе германски компании од автомобилскиот сектори, инфраструктурата, телекомуникациите, туризмот, банкарскиот и осигурителниот сектор.
„Американските Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Џонсон Мети, Ванхол, Технокозе, Продис, Гришко…, веќе инвестираа и ја пронајдоа Македонија како најдобра бизнис дестинација. За нас е многу важно што оние кои дојдоа одлучија по втор пат да инвестираат. Ако се условите негативни тие нема да донесат таква одлука“, рече премиерот.
Тој потенцира дека третманот на инвеститорите во Македонија е многу подобар од многу други земји.
„Ако дојдете ќе наидете на Влада која е многу пријателски насочена кон инвеститорите и бизнисот. Ние имаме тим кој на дневна база комуницира со нив“, истакна премиерот, јави известувачот на МИА од Дизелдорф.
Посочувајќи на предностите што ги нуди Македонија како бизнис дестинација ги напомена макроекономската стабилност, даночниот систем, доброто функционирање на инститиуциите, ниските трошоци за водење бизнис, можност за извоз на европските пазари без царина со потпишаните договори за слободна трговија, како и предностите што ги нудат технолошко индустриските развојни зони.
Груевски истакна дека во изминатите години имплементирани се низа мерки кои ја подобрија бизнис климата и претставуваат значајни поволности и за странските инвеститори и оти тоа го потврдуваат и релевантни меѓународни инститиуции.
„Во последните седум Дуинг бизнис извештаи на Светска банка, Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот. По бројот на вкупно спроведени реформи од 2005 година до сега, Македонија е на високото трето место во конкуренција со 189 земји во светот. Од 2006 година досега на листата на Дуинг бизнис Македонија напредуваше од 94 место на 25 место, што е скок од дури 69 позиции. Во извештајот за Најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ Македонија е рангирана на 36 место и бележи напредок од 46 места споредено со 2007 година, а напредок од 35 места бележиме и според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ од 78 на 43 место“, истакна премиерот.
Предност за странските компании кои ќе одлуат да инвестираат и работат во Македонија е што ќе наидат на квалификувана работна сила.
„ Имаме добра образована работна сила со добри работни навики и вештини и кои се лојални на компаниите“, истакна вицепремерот Ставрески.
Тој додаде дека постои добра соработка меѓу приватниот сектор и универзитетите и оти факултетите може на барање на компаниите да воведат посебни програми за одредени квалификации.
Добрите бизнис услови ги потврдија и странските инвеститорите кои веќе работат во Македонија.
Дирк Гурзених од ПЦЦ ДЕГ Реневебл, компанија која има добиено пет концесии за мали хидроцентрали, од кои едната е веќе изградена, рече дека најважно е тоа што Владата ги слуша потребите на инвеститорите за подобри услови за работа.
Добри искуства од работењето во Македонија пренесе и Кемет Електроникс. Андреас Меер вели дека во Македонија дошле во 2010 година откако дознале за земјата од Си-Ен-Ен.
„Откако донесовме одлука да проширување на нашето производство разгледувавме повеќе места во ЈИЕ, меѓу нив и Македонија. Дојдовме и ги добивме сите потребни информации од претставници на Владата до кои имавме пристап“, рече Меер додавајќи дека тоа била една од причините да донесат одлука да инвестираат во Македонија, како и ниските трошоци за правење бизнис.
Во Македонија, вели, најдовме соодветни кадри, со техничко образование, со познавање повеќе странски јазици. За проширување на производството во Македонија, истакна дека ќе гледаат да инвестираат во Македонија доколку тоа има бизнис логика за нив.
Премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим продолжува со економската посета во Штутгард, каде ќе се одржи нов Бизнис форум во соработка со Фајненшел Тајмс.
Германија е трет најголем инвеститор во Македонија. Меѓу германските компании кои ги искористија можностите за инвестирање во Македонија се „Дрекслер маер“и Кромберг и Шуберт, а потврдена е иневестицијата на Макард.