Во изминатиов период, односно од почетокот на јануари 2014 година, ЈЗУ Здравствен Дом Охрид го спроведува Проектот на Владата на РМ „Рурален доктор“ на подрачјето на општина Охрид и општина Дебарца.
Целта на овој проект е доближување на здравствената дејност на примарно ниво до целокупното население. Од тие причини и Здравствениот Дом е должен да организира вршење на здравствена дејност на примарно ниво во населени места надвор од своето седиште. Континуирано, согласно утврдена Програма, со одредена динамика се посетуваат сите села во двете општини од страна на медицински тим составен од доктор по медицина и медицинска сестра. Медицинскиот тим врши лекарски прегледи, советувања и други видови на здравствени услуги со цел утврдување, проверување и следење на здравствената состојба на пациентите. За кратко време ќе профункционираат и амбулантите во село Требеништа, Мешеишта, Куратица, Трпејца и Љубаништа. Исто така ЈЗУ Здравствен Дом Охрид е во контакт со Градоначалниците од двете Општини од каде се бара одредени простории во училиштата и домовите во некои села да се отворат здравствени пунктови каде ќе може лекарскиот тим да врши преглед на населението. Во изминативе два месеци се прегледани околу 320 пациенти од овие општини во руралните предели.
Напоредно со овој Проект, ЈЗУ Здравствен Дом Охрид од месец ноември 2013 година, преку својата служба за поливалентна патронажа спроведува акција во овие две општини со домашни посети на стари и изнемоштени лица. Во домашни услови, патронажната сестра го контролира притисокот, шеќерот во крвта и се даваат совети на старите лица за спроведување на хигиенско-диететски режим на исхрана. Во овој период се посетени околу 2000 лица во двете општини. Овие посети на стари и изнемоштени лица со иста динамика ќе продолжат во наредниот период.
Овие два проекти на Владата на РМ и Министерството за здравство се прифатени и поздравени од населението на двете општини бидејќи основната цел – доближување на здравствената дејност до населението од сите населени места се остварува и дава позитивен ефект.