До 30 април компаниите да аплицираат за добивање субвенции за воведување ХАЛАЛ, апелира денеска министерот за економија Ваљон Сарачини.
Државата првпат обезбедува поддршка за имплементирање на овој стандард и бизнис заедницата тоа треба да го искористи. Целта е, напомена Сарачини, зголемување на конкурентноста и освојување трети пазари.
„Проектирани се вкупно 3,1 милион денари за целосно воведување ХАЛАЛ во околу 10 компании. Очекувам до 30 април да се пријават барем толку и да добијат средства доколку ги исполнуваат потребните услови“, рече министерот по денешниот состанок со стопанствениците.
Во последните 20 години само 11 домашни компании вовеле ХАЛАЛ, а кај четири е во тек процедурата за имплементација.
„На почетокот имаше многу голем интерес за воведување ХАЛАЛ, а сега кога Владата обезбедува субвенции за да бидеме поконкурентни и да влеземе на трети пазари, одѕивот е многу мал“, истакна Мендерес Кучи од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
На пазарите во ЕУ, САД, Австралија, се повеќе се бараат ХАЛАЛ производи. Стандардот не се однесува само на прехранбената индустрија, туку и на фармацијата, туризмот, угостителството, козметиката, производството на амбалажа…
„ХАЛАЛ подразбира двојна проверка на производите и контрола на ХАЦЦП. Воедно значи потврда за безбедна храна. Голема предност е и создавањето додадена вредност особено кај компаниите кои полагаат на општествената одговорност и кои се грижат за создавање добар однос со потрошувачот,“ потенцира извршниот директор на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска.
Според неа, две третини од земјите на ЕУ иако не се со исламска вероисповед, користат производи запечатени со квалитетот на ХАЛАЛ.
„Македонските компании за да бидат конкурентни, извозно способни и за да можат да освојуваат странски пазари во иднина се повеќе ќе мора да го имплементираат ХАЛАЛ стандардот. Ова не се однесува само за земјите со доминантно исламско население, зашто се повеќе овој стандард се бара и во ЕУ, САД, Австралија“, посочи Митко Алексов од Сојузот на стопански комори.
Во Хрватска, за споредба, 60 компании се со сертифициран ХАЛАЛ, а во БиХ 50.