Монографија за спомениците на културата обновени со грантови од Амбасадорскиот фонд на САД

Во Македонија од Амбасадорскиот фонд на САД се инвестирани повеќе од 1 милион долари во 11 проекти за зачувување, реставрација и конзервација: Јавна зграда-Стоа на локалитетот Вардарски рид кај Гевгелија; археолошки истражувања на Римскиот форум во Стоби; ранохристијанските фрески на Епископската базилика во Стоби; црквата „Свети Спас“ во Скопје; Турската бања во Тетово; мегалитската опсерваторија Кокино; словенски ракописи од 9-ти и 10 век во Охрид; Даут-пашин амам во Скопје; Шарена џамија во Тетово; конакот во манастирот „Св. Архангели“ во скопско Кучевиште и проектот за реставрација на црквата и феските во „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, кој е во тек и треба да заврши до крајот на годинава.

Сите тие се опишани и илустрирани во монографијата, заедно со уште 19 споменици на културата во Црна Гора, Албанија и Косово, кои со грантовите од САД се заштитетни и им е вратен автентичниот изглед.

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс истакна дека со зачувување на она што е изградено пред нашето време, создаваме врска со минатото која, како што рече, ја зајакнува нашата култура и ни помага да ја разбереме нашата историја.

Кога ќе зачувате парче од културата, тоа парче може да се сподели со светот. САД имаат инвестирано повеќе од 26 милиони долари за зачувување на историски и културни објекти ширум светот, бидејќи ние веруваме дека вреди да се споделуваат традициите со другите. Овие локалитети ќе служат не само како историски потсетник, туку и како мостови на градење посилни врски на заемно разбирање во светот. Горди сме што преку Амбасадорскиот фонд за културна заштита само во Македонија имаме инвестирано повеќе од еден милион долари. Македонија има неверојатно богата историја и овие локалитети помагаат да се раскаже приказната за таа историја, рече амбасадорот Волерс на промоцијата во галеријата Даут-пашин амам – средновековен споменик на културата, кој е меѓу 11-те реставрирани со американска помош.

За поддршката на САД и за личниот ангажман на амбасадрот Волерс се заблагодари министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека верува оти македонско-американското партнерство и во иднина ќе биде инспиративен пример за успешна соработка и отворена можност за нови проекти од областа на културното наследство.

– Република Македонија е земја на стари цркви и манастири, објекти од старата градска архитектура, џамии, саат-кули – артефакти кои го одразуваат духот на македонскиот народ и на македонската држава. Заштитата на ваквите споменици е постојана грижа и приоритет на Владата на РМ, рече Канческа-Милевска и додаде дека покрај заложбите на државата, особено е значаен и партнерскиот однос со други институции.