Охридските гимназијалци повторно во улога на европарламентарци

Учениците од  ОСУ „Св.Климент Охридски“, Јана Василеска, Ивана Мирчевска и Адриан Димитријески, под менторство на професорката по англиски јазик, Даниела Спироска, учествуваа на четвртата национална симулацијата МЕП (Модел Европски Парламент), која се одржа во организација на средното училиште НОВА во Скопје, на крајот на овој месец.

„Нашите ученици ја претставуваа Португалија како земја членка на ЕУ. Во оваа тридневна симулација учениците имаа можност да ги покажат своите способности за дебатирање, тимска работа, но и своите предзнаења за ЕУ, нејзините институции и како таа функционира. Се ова се одвиваше на англиски јазик“. – велат од Гимназијата.

Учениците имаа  задача  да го презентираат  својот говор, а во понатамошниот тек на оваа симулација тие мораа активно да се вклучат во дебатите кои опфатија три проблеми кои се актуелни за ЕУ, притоа изработувајќи резолуции на кои даваа свои видувања за тоа како треба да бидат решени овие проблеми.

„Првиот проблем беше проблемот на невработеност меѓу младите, вториот-преземање на санкции во случаи кога земја членка не ги почитува принципите на ЕУ, и третиот проблем-критериуми за доделување на помош на државите. 60 ученици од 20 средни школи низ цела Македонија, поделени во три комитети дискутираа во текот на овие три дена“. – додаваат од охридската Гимназија.

Последниот ден учениците како вистински парламентарци имаа можност да седат, дебатираат и да гласаат за изготвените резолуции во општинската сала на град Скопје и ја имаа таа чест да им се обрати холандската амбасадорка Мариет Шурман.

ОСУ „Св.Климент Охридски“ веќе втора година зема учество во ваквите проекти, како што велат оттаму, секогаш се поддржани од Локалната самоуправа.

GimnazijalciEvroparlamentarci02