Во понеделник, на 3-ти март, со почеток во 17:45 часот на МТВ 1 премиерно ќе биде прикажан новиот филм на охридскиот режисер Илија Пиперкоски за Охридското востание (македонско-албански бунт). Во филмот на Пиперкоски, наративна улога ќе има и охридскиот историчар Никола Митровиќ.
Македонско-албанскиот бунт односно Охридското востание се случило во септември 1913 година, на само два месеци по крваво задушеното Тиквешко востание во кое биле убиени повеќе од 1.200 луѓе од српската војска и домашните предавници кои станале соработници на српските власти и еден месец по потпишувањето на катастрофалниот Букурешки договор. На чело на востанието застанале охриѓанецот Петар Чаулев и стружанецот Милан Матов, брат на Христо Матов. Биле ослободени Охрид, Струга, Дебар и Кичево во содејство на четите на ВМРО и на албански востаници. Востанието имало тајна поддршка од младата албанска држава. Биле формирани тела со мешан состав.
Причините за почетокот на востанието се наоѓале во неподносливата општествено-политичка и економска ситуација во Македонија под српска власт како и незадоволството од решенијата на Букурешкиот мировен договор со кои не било решено македонското прашање. Карактерот на востанието бил ослободителен, со јасни цели за отфрлање на српската власт во Македонија. Впрочем, дека востанието не било стихијно, покажувале кординираните вооружени акции на четите на ВМРО со албанските востанички чети како и заедничката привремена власт, во мешан состав, во градовите кои биле ослободени и завземени од страна на востаничките одреди. Српската власт се обидувала на востанието да му даде наводен бугарски карактер, но во тоа не успеала затоа што и бугарските дипломатско-политички кругови се оградиле од било каква соработка и помош на востаниците. Македонско-албанското востание од септември 1913 година било автохтоно, произлегувало од територијата на Македонија и имало самостоен карактер. Тоа претставувало успешен пример за соработка на македонските и албанските револуционери во борбата против српската власт во Македонија во периодот по Балканските војни 1912/13 година.
Филмот за Охридското востание е четвртиот на Пиперкоски кој се емитува на националниот сервис. Претходно се емитуваа филмовите за Пере Тошев, охридскиот војвода Петар Шанданов и пред само неколку дена, премиерата на документарецот за Тиквешкото востание.