Министерството за финансии соопшти дека исплатило 109,5 милиони денари субвенции на 6.986 земјоделци по повеќе основи.
За мерката полјоделски култури исплатени се 18,6 милиони денари на 1.527 полјоделци. Финансиската поддршка по хектар обработлива земјоделска површина за полјоделски култури изнесува 9.000 денари.
За градинарско производство на отворено и во пластеници исплатени се 7 милиони денари на 489 градинари. Субвенцијата по оваа мерка изнесува од 6.000 до 25.000 денари по хектар.
На 419 овоштари исплатени се 9,3 милиони денари за одржување постоечки овошни насади. Субвенцијата по оваа мерка изнесува од 15.000 до 33.000 денари по хектар.
За одржување постоечки лозови насади исплатени се 10,3 милиони денари на 465 лозари. Финансиската поддршка која ја добиваат лозарите за оваа мерка изнесува 40 илјади денари по хектар.
На вкупно 1.953 сточари исплатени им се субвенции во износ од 33,4 милиони денари за одгледување говеда, при што субвенцијата изнесува 2.800 денари по грло.
Исплатени се и 6,3 милиони денари субвенции на 569 сточари за одгледување маторици, при што субвенцијата изнесува 1.000 денари по грло.
По 1.000 денари од грло, или вкупно 5,1 милиони денари, добија и 262 сточари за одгледување кози.
Министерството за финансии заклучно со вчера исплати и 19,3 милиони денари субвенции за осигурување на примарното земјоделско производство. Висината на поддршката изнесува 60 проценти од вредноста на полисата.
Владата со редовна исплата на субвенциите за земјоделците останува доследна во поддршката на земјоделството како една од носечките гранки на македонското стопанство, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.