Последниве пет години малолетничкиот криминал бележи тренд на континуирано благо намалување, па така оваа година од вкупно расветлените 12.984(12.384) кривични дела, 1.558(1582) се извршени од малолетници, со што учеството на малолетничкиот во вкупнo расветлениот криминал е 12%(12,8%).
Најмногу кривични дела извршени од малолетниците, или 45% се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, а за разлика од лани бележиме зголемување на малолетните криминалци од 30%.
Една од основните карактеристики на малолетничкиот криминал е повторништвото, а потврда за истото е дека во текот на 2013 година за извршените кривични дела се пријавени 1.184(723) малолетни лица меѓутоа со оглед дека сториле по повеќе кривични дела(некои од нив и по 30 кривични дела), истите се регистрирани како 2.485(2.018) сторители. Од пријавените малолетни лица, 1.126 лица или 95% се од машки, додека 58 се од женски пол, а најчесто се пријавувани за вршење имотни деликти. Обично делата ги вршеле во групи составени од полнолетни лица, познати сторители на кривични дела, а многу поретко делувале поединечно или пак заедно со други малолетници. Во рамките на делата проследени со елементи на насилство, загрижува сé почестата употреба на огнено и ладно оружје, кое честопати го употребувале на јавни места, како што се училишта, автобуси, постојки и сл., повредувајќи притоа свои врсници, а со ваквото однесување предизвикале чувство на страв и вознемиреност кај граѓаните.
Според видот на криминалот, 98% од малолетничкиот криминал годинава е од областа на класичниот криминал, односно 1.531 дело припаѓаат на оваа област. Во рамките пак на овој криминал, малолетниците, вообичаено најчесто вршат имотни деликти, а годинава нивниот број изнесува 1.337. Тука во прв ред се застапени тешките кражби-929, а се на исто ниво со минатата година. Нешто повеќе од една третина се извршени на подрачје на СВР Скопје-470 дела, а најмалку на подрачје на СВР Тетово-36 дела. Овие дела малолетниците најчесто ги вршеле организирано, односно во група составена од малолетни и полнолетни лица, кои со употреба на физичка сила и погодни предмети провалувале најчесто во патнички и товарни возила, потоа во куќи, објекти во изградба, викендици, гаражи, подруми и сл., при што одземале акумулатори, гориво, мобилни телефони, бакарни и железни предмети, техничка стока, помали износи на парични средства, а поретко и накит. Целта на вршење на овие дела е противправно стекнување со имотна корист, па од тие причини украдените предмети најчесто ги продавале на отпадите за откуп на старо железо или пак на други лица кои за продадените предмети им давале паричен износ помал од реалниот. Во овој контекст можеме да ја споменеме шестчлена група, во која членувале двајца малолетници, која на подрачје на Скопје, извршила 17 тешки кражби во патнички возила, викендици, подруми и други помошни простории, при што одземале разни метални предмети во вкупна вредност од 527.700 денари кои ги продавале на откупни пунктови за старо железо, потоа на скопско подрачје е карактеристичен парот составен од малолетник и полнолетен, кои извршиле 14 тешки кражби на велосипеди, а од страна на тричлена група, во која имало двајца малолетници се извршени и 11 тешки кражби во куќи, станови и продавници, од каде се одземани техничка стока и прехранбени продукти во вредност од 312.460 денари. На подрачје на Радовиш, оперираше тричлена група, составена од лица од Струмица, Радовиш и Штип, која изврши 13 тешки кражби, две одземање моторно возило и едно дело оштетување туѓи предмети, стекнувајќи се со проитвправна имотна корист од 391.758 денари, а едно од лицата е пријавено и за силување.
Последниве години малолетниците сe јавуваат и како сторители на кривични дела со елементи на насилство, пред сè на разбојништва, а нивниот број изнесува 62, или за три помалку во однос на 2012 година. Се работи претежно за разбојништва извршени на отворен простор, односно за улични разбојништва, кои се вршеле претежно во централното градско подрачје на Скопје, каде малолетниците обично биле дел од групи со повеќемина полнолетни сторители и најчесто со употреба на физичка сила или вербална закана, а поретко со закана со нож или употреба на физичка сила, а најчесто од нивни врсници, одземале мобилни телефони и помали износи парични средства. Загрижувачка појава е што малолетниците последниве години се јавуваат и како сторители на потешки разбојништва и на разбојништва во затворени објекти, каде најчесто делувале заедно со полнолетни лица, а при извршувањето користеле огнено оружје и тврди предмети и тоа најчесто при разбојништвата во куќи и станови. Така на пример годинава на подрачје на Куманово од страна на две групи составени од вкупно девет малолетници, се извршени разбојништва над четири странски државјани(мигранти), при чие извршување сторителите како средство за закана употребиле пиштоли, а од нив биле одземани девизи.
Иако учеството на малолетниците во другите области на криминалот е минимално, сепак во рамките на кривичните дела против животот и телото, извршени се 47(46) кривични дела, односно за едно повеќе од лани, од кои најмногу, односно 24 се тешки телесни повреди. Годинава не се регистрирани убиства од малолетници, но затоа од страна на малолетници се извршени пет обиди за убиство извршени од страна на шест малолетни лица, кои по претходно настанати расправии и тепачки со нивни врсници, им нанесувале најчесто повреди од остри предмети.
Кривичните дела против половата слобода и половиот морал се повеќе од двојно зголемени, во однос на 2012 година, односно извршени се 26(11) кривични дела, од кои во најголем број случаи, односно 18 се работи за „полов напад над малолетник кој не наполнил 14 години“, додека останатите дела се застапени во многу помал број. За обележување е што од вкупниот број полови напади извршени во 2013 година, околу 36% се извршени од малолетници. Притоа, малолетниците од кои некои биле на 14-годишна возраст, искористувајќи го моментот на отсуство на повозрасни членови на семејството, со употреба на физичка сила и со закана вршеле полови дејствија над деца, кои во два случаи биле на четиригодишна возраст повозрасни жени, но и со малолетнички.
Од кривичните дела против јавниот ред и мир најзастапено е кривичното дело „насилство“-42(23) дела, а секако загрижува што се речиси двојно зголемени во споредба со претходната година, а повеќе од третина или поточно 16 дела се извршени во Скопје. За овие дела е карактеристично што се вршат од малолетници кои биле во групи, така што пријавени се 133 малолетни сторители, кои насилно се однесувале кон нивните малолетни врсници. Загрижува фактот што за разлика од лани кога инцидентите помеѓу малолетниците се случуваа во кругот на училиштата, годинава насилничкото однесување е поприсутно во автобуси на јавниот превоз и на автобуските постојки. Така, регистрирани се 65 случаи на насилничко однесување на млади лица, од кои 34 случаи во автобуси и 31 случај на автобуски постојки, од кои во Скопје-64 и еден на подрачје на Куманово. Учесниците во нападите најчесто делувале во група и тоа над пет лица-во 35 случаи, потоа од едно до две лица учествувале во 18 случаи и од три до пет лица-12 случаи. Нападите, кои најчесто се вршени без повод и причина и најмногу со употреба на физичка сила-57. Од извршените напади биле повредени вкупно 72 лица, а оштетени се и четири автобуси. Во врска со овие случаи поднесени се три кривични пријави против 29 сторители за сторени три кривични дела „насилство“.
Во областа на недозволената трговија се извршени 18(21) дела, од кои осум дела се „овозможување на употреба наркотична дрога“, се извршени од малолетници кои во своите домови им овозможувале на други лица да уживаат дрога. Понатаму од малолетници се извршени пет дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, а во сите случаи се работи за мали количини наркотична дрога-марихуана, која билапронаоѓана при нивен личен претрес. Како карактеристичен би го издвоиле случајот реализиран од страна на Одделот за организиран и сериозен криминал, од чија страна се пронајдени 540 стебла од растението „канабис сатива“ во близина на „Кодра Фура“, за што кривично се пријавени 16-годишник и 26-годишно лице. Регистрирани се и пет(три) дела „недозволено изработување, држење или тргување со оружје или распрскувачки материи“, при што кај пријавените малолетници во три случаи се пронајдени петарди, во еден случај е пронајден пиштол, додека во еден случај 17-годишник по претходна вербална расправија и тепачка, од автоматска пушка испукал два куршуми во воздух.
Во областа на oрганизираниот криминал делата се двојно намалени во споредба со лани, односно малолетниците извршиле четири(осум) дела, при што во два случаи се работи за кривичното дело „фалсификување пари“, реализирани во Кочани, каде 17-годишник пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 50 евра во угостителски објект и во Пробиштип, каде 32-годишно лице од Скопје на тројца малолетнициим дал поголема количина фалсификувани банкноти од по 500 денари, по што тројцата, три од лажните банкноти ги пуштиле во оптек во продавници во истиот град. Регистрирани се и две дела „криумчарење мигранти“, во кои се инволвирани малолетници, а се работи за криумчерање мигранти од држави од Африка, кои ги превезувале мигрантите.
Но затоа зголемен е бројот на извршените дела од малолетници од областа на економскиот криминал, односно извршени се пет(две) дела. Притоа за обележување се откриените случаи во кои малолетници незаконски обезбедиле лични податоци, а потоа со лажни платежни картички вршеле нелегални банкарски трансакции.
Малолетниците се јавуваат и како сторители на прекршоци против јавниот ред и мир, при што оваа година 940(1.378) сторители се малолетници, односно бележиме значително намалување на сторителите од 32%. Малолетниците најчесто се пријавувани за прекршокот „физички напад“-429(626) и „учество, предизвикување или поттикнување тепачка“-335(490), додека останатите прекршоци се застапени во помал број.
Од другите социопатолошки појави позастапени се алкохолизмот и уживањето наркотични дроги кои во нашето законодавство се санкционирани прекршочно. Така, 24 малолетници се пријавени за сторен прекршок „уживање наркотични дроги и психотропни супстанци“, додека 10 малолетници се пријавени за „оддавање на пијанство на јавно место“.
Министерството за внатрешни работи и во измината година континуирано преземаше мерки за превенција и сузбивање на малолетничкиот криминал, па во таа насока беа изготвени планови и програми за спречување на оваа социопатолошка појава. Посебна улога имаше присуството на полицијата во загрозените места, редовната посета на полициските службеници во училиштата и нивната соработка со педагошко-психолошките служби.
Претставници од Министерството земаа учество на трибини, работилници, обуки заедно со останатите надлежни министерства, невладини организации, мисиите на странски организации во РМакедонија и друго на кои беа разгледани можностите за воспоставување на Совети за превенција на малолетничка деликвенција, потоа обуки на ментори и медијатори за работа со малолетници, изработка на протокол за постапување со деца во ризик и малолетници сторители на казниви дела, опремување на простории за водење разговор со дете жртва и дете сторител на кривично дело.
На постапувањето со малолетниците сторители, сведоци и жртви на кривичните дела секако ќе влијае стапувањето на сила на новиот Закон за правда на децата, кој стапи на сила на 01.12.2014 година, односно истовремено со стапувањето на сила на Законот за кривична постапка. Со стапувањето на силана овој закон, престана да важи Законот за малолетничка правда, а поимот малолетник се заменува со поимот дете. Истиот се заснова на концептот за „Ресторативна правда“, што значи поправање на состојбата и флексибилно реагирање во рамките на цврсто определените принципи, инволвирање на сите засегнати субјекти, активно учество во процесот на изноѓање соодветно решение, разрешување на случајот со нерепресивни средства, развивање самосвест кај сторителот. Овој концепт на ресторативна правда е алтернатива на класичното казнување и подразбира вклучување и на жртвата на криминалниот чин, доведувајќи ја во врска со сторителот со што ќе се обезбединегово полесно и поефикасно имплементирање во општеството. Овој закон води сметка и за постапувањето ан детето жртва и инсистира на обученсот и едуцираност на сите субјекти во постапката, како што се адвокати, обвинители, судови и службените лица во МВР.
Малолетничкиот криминал пет години наназад бележи тренд на намалување, притоа 60% од кривичните дела што ги извршиле малолетници е делото „тешка кражба“. Исто така, повторништвото и понатаму е една од најбитните карактеристики на малолетничкиот криминал, а кај кривичните дела со елементи на насилство најчесто жртви се исто така малолетници. За очекување е дека новините во Законот за правда на деца ќе го подобрат третманот на малолетниците-сторители и жртви.