Нам ни е сосема јасно дека СДСМ Охрид во предизборието добила наредба да одржува прес конференции за да покаже дека воопшто постои и е активна на политичката сцена, но очекувавме барем малку на тие пресови да се отворат реални политички теми, а не само долги бесцелни приказни и шпекулации, рече на денешната прес конференција советникот од ВМРО ДПМНЕ Охрид, Дејан Пановски.
„Имено, очекувавме а и натаму очекуваме на пример да свикаат прес и да кажат како тие го раководеа Охрид во периодот 2005-2013 година, кои резултати во тоа безмалку десетлетие ги постигнаа, колку на број добри дела направија за Охрид, колку објекти од јавен нтерес изградија, колкава добивка во работата на јавните претпријатија на локално ниво остварија, колку го заштитија Охрид , како и каде ги трошеа Буџетите на Општината и пред се која вредност и инвестиција ја донесоа во Охрид за 8 години. Или нека се изјаснат на пример што тоа СДСМ во текот на своето владеење во Република Македонија направило во интерес на економијата на државата. Ете тоа би била една вистинска прес-конференција на СДСМ во Охрид. Но, се додека не свикаат прес со таа тема , се додека не изнесат барем еднаш некој свој политички став, ги мотивираме уште еднаш да се изјаснат за политичките ставови и економските мерки кои ги носи ВМРО ДПМНЕ и Владата во интерес на граѓаните.“ – потенцира Пановски.
Пановски праша, дали за СДСМ е прифатлива мерката за зголемување на пензиите на пензионерите? За нив во ВМРО ДПМНЕ како што истакна тоа било одлична мерка и за пензионерите во Охрид.
„Дали за нив е прифатлива мерката за зголемување на платите на администрацијата? За нас во ВМРО ДПМНЕ тоа е добра мерка и за охридската локална и државна администрација. Дали за СДСМ е прифатлива мерката за зголемување на минималната плата во државата? За ВМРО ДПМНЕ тоа е неопходна економска мерка во интерес на граѓаните. Дали за СДСМ е прифатлива мерката за вработување на ранливите категории граѓани ? За нас во ВМРО ДПМНЕ тоа е хумана мерка во која и охриѓани се вработуваат. И на крајот дали за СДСМ значи нешто фактот што според ЕК Македонија има втор најголем раст на БДП во Европа? За нас во ВМРО ДПМНЕ значи многу затоа што тоа е показател и основа за подобрување на економската ситуација во кризни економски времиња. Поентата на политичката борба е споредбата на сработеното . Се друго е губење време во шпекулации и манипулации.“– заврши Пановски.