Центарот за обука на пилоти на хеликоптери од денеска влегува во фаза на потполна оперативност, подготвен да ги обезбеди сите услуги на македонските државни институции, но и на сите заинтересирани странски партнери.
Ова денеска го истакна премиерот на Република Македонија Никола Груевски по повод официјалното пуштање во употреба на Центарот за пилоти. Проектот вреден 43 милиони евра, почна да се реализира во 2010 година.
„Идните пилоти во овој Центар ќе поминат обука во три фази, елементарна, основна обука на хеликоптер и напредна обука на хеликоптер. Во објектот се вградени модули за теоретска обука на пилоти, изведување практична обука, одржување и оперирање со хеликоптери и авиони и летање на симулатори на хеликоптерите Ми-17 и Ми-24“, рече Груевски.
Центарот, додаде, ќе биде промовиран и надвор од државата. Засега е претставен во НАТО и ги исполнува највисоките стандарди и барања на Алијансата.
Премиерот се заблагодари на компанијата „Елбит систем“, до сите инволвирани компании и државни институции кои придонесоа Центарот да ја постигне својата ооперативна готовност.
Според претседателот Ѓорѓе Иванов, со вложувањето во сопствената безбедност, Македонија вложува во безбедноста на НАТО и во својата евроатлантска иднина.
„Како Претседател и врховен командант, горд сум што Република Македонија добива најсовремен центар за обука со насофистицирана опрема во Југоисточна Европа и пошироко“, нагласи Иванов.
Центарот ќе овозможи континуиран тренинг на кандидати и веќе произведени пилоти. Македонија ќе добие пилоти за потребите на институциите во одбраната, безбедноста и кризниот менаџмент.
Министерот за одбрана Талат Џафери посочи дека една од целите на одбранбените реформи е и развојот на 50 отсто распоредливи сили и долготраен придонес во меѓународните операции.
„Во тој контекст за воздухопловната бригада се потребни 52 пилота и ремонт на хеликоптерите. Придонесот во мисијата на ЕУ Алтеа во БиХ со хеликоптери беше голем предизвик за Армијата, а барањата за иден придонес постојано се актуелни“, истакна Џафери.
Предуслов за успешно извршување на воените мисии и задачи на АРМ, напомена министерот, е постојано спроведување ефективна и ефикасна обука на единиците за што се неопходни современи центри за обука за сите воени специјалности.