СДСМ ќе учествува на двојните избори – потребни измени на Изборниот законик

Социјалдемократскиот сојуз го прифаќа предизвикот и ќе учествува на претседателските и на парламентарните избори.

„Ќе им дадеме можност на граѓаните да го казнат неодговорното и расипничко владеење на досегашната владина коалиција. Истовремено на граѓаните ќе им ја отвориме вратата кон подобра иднина, нудејќи им ја нашата визија и програма.Нашата цел е учество на фер и демократски избори.“– рече на денешната прес конференција, Рената Тренеска Дескоска, член на ИО на СДСМ.

Таа потенцираше дека  Изборниот законик не предвидувал решенија за ситуацијата која како што рече  ја создала владејачката коалиција со совпаѓањето на парламентарните со вториот круг на претседателските избори.

„Заради јасни правила на игра во текот на изборниот процес, заради доследно почитување на Изборниот законик и избегнување на ситуација на хаос и импровизација, бараме Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик.Со овие измени ќе се отстранат конфликтните ситуации кои се создаваат со истовременото одржување на двата вида избори на 27 април. Јасните правила на игра и правно разрешените конфликти се претпоставка за фер избори.“– истакна Тренеска Дескоска.

Од СДСМ бараат да се решел проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, бараат законско решение на проблемот со почитувањето на роковите за предизборна кампања и  барале да се реши и прашањето за медиумското претставување.

„Поради несовпаѓање на парламентарните со првиот круг на претседателски избори, ќе постојат два различни датуми за затварање на избирачкиот список. Тоа создава можност на 27 април на избирачките места да имаме два различни по содржина избирачки списоци!Само да се потсетиме, манипулацијата со избирачките списоци беше еден од клучните проблеми на претходните избори, кога во одредени општини осамнаа преку 60 гласачи на иста адреса.Ова е сериозен проблем за кој бараме Собранието на Република Македонија да донесе законски измени со кои ќе се предвиди правно решение кое ќе спречи манипулации и хаос со избирачкиот список на избирачките места.Според Изборниот законик, од потврдувањето на кандидатските листи до почетокот на кампањата не смее да има активности за промоција на кандидатите или политиките на учесниците во кампањата. Во оваа ситуација, листите за парламентарни избори ќе бидат потврдени во текот на кампањата за претседателски избори, што ќе доведе до прекин на истата се до 6 април, кога ќе почне кампањата за парламентарните избори.Исто така, кога ќе биде предизборниот молк за претседателските избори, ќе мора да запре и кампањата за парламентарните избори. Тоа значи, дека и на кандидатите за претседател и на кандидатите за пратеници ќе им бидат ускратени законски гарантираните 20 дена за кампања. Согласно Изборниот законик од денот на распишување на изборите па се до почеток на изборната кампања, медиумите не смеат да емитуваат, односно да објавуваат никакво платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи“ – Тренеска Дескоска.

Кампањата за претседателски избори ќе започне на 24 март, а кампањата за парламентарните избори на 6 април.

„Од распишување на парламентарните избори до 6 април, медиумите нема да смеат да емитуваат платено политичко рекламирање. Со тоа за речиси 2/3, односно за 12 дена ќе биде скратена претседателската кампања. Секако, ако се почитуваат одредбите за забрана за рекламирање. Потенцираме дека оваа ситуација парламентарните избори да се совпаднат со вториот круг од претседателските избори е свесно предизвикана од владиното мнозинство.Доколку изостанат релативно малите потребни измени на Изборниот законик, тоа ќе создаде основан сомнеж дека намерата била токму создавање на хаос и безредие, кое власта ќе го злоупотреби.Сите овие проблеми ќе ги немаше доколку парламентарните избори беа закажани во ист ден со првиот круг на претседателските избори.“– додаде Тренеска Дескоска.