СДСМ: Бараме ДПМНЕ да и одговори на охридската јавност што е направено и реализирано од ветеното од страна на актуелната општинска власт

СДСМ од Охрид  бара ДПМНЕ од Охрид да и одговори на охридската јавност што е направено и реализирано од ветеното од страна на актуелната општинска власт. ВМРО-ДПМНЕ од Охрид упорно и упорно зборува само за поранешната општинска власт, истакна на денешната прес-конференција Христина Гогоска, раководител на Центарот за комуникации на ОО СДСМ Охрид.

„По се’ изгледа никако не можат да се навикнат на тоа дека веќе една година се локална власт, па се’ уште настапуваат како опозиција – и’ поставуваат прашања на опозицијата, наместо да дадат одговари на прашањата од опозицијата, за да може јавноста да биде информирана. Во секоја нормална држава опозицијата прашува и бара отчет, а власта дава одговори и поднесува отчет за сработеното. Но, овде работите се наопаку, затоа што ДПМНЕ од Охрид нема што да каже за сработеното. Затоа што ништо не е сработено од тоа што беше ветено со изборната програма на ДПМНЕ за последните локални избори. Затоа шефот на центарот за комуникации во ДПМНЕ Охрид мора да пишува и лиферува импровизирани реакции, во кои се зборува само за проектите на Владата, а ни збор за проектите на локалната власт. Но, иако се‘ е испревртено наопаку, СДСМ е одговорна политичка партија и затоа, за разлика од ДПМНЕ, ќе одговори на поставените прашања – отворено и аргументирано.“– истакна Гогоска.

Според Гогоска, СДСМ целосно ја понесе одговорноста со тоа што ја изгуби локалната власт минатата година, и крајно е депласирано се’ уште да зборува за делата, проектите и резултатите во минатото.

„Охриѓани Ви ја дадоа довербата минатата година и очекуваат да зборувате исклучиво за Вашите дела, проекти и резултати, што сте ги постигнале Вие на локално ниво. По 11 месеци власт, веќе не можете и понатаму да барате алиби во поранешната градска власт за Вашите неуспеси и промашувања. Да, за зголемувањето на пензиите мислиме дека е одлична мерка, доколку не се работеше за класична предизборна манипулација – Владата на ДПМНЕ прво го укина порамнувањето на пензиите, што законски им следеше на пензионерите, па тие 600 денари, што и така ќе ги добиеја пензионерите по сила на закон, сега, пред избори, се обидувате да ги прикажете како посебна мерка; Да, за зголемувањето на платите на администрацијата, исто така мислиме дека е одлична мерка, доколку не се работеше за уште една тешка предизборна манипулација – уште во 2009 година, предизборно, се донесе закон со кој платите на администрацијата требаше да растат за 10% годишно.“-рече Гогоска.

Како што рече, Владата донесе измени во законот и администрацијата цели 4 години, но не доби ни денар од тоа што и’ следуваше; цели 4 години платите воопшто не се зголемија, цели 4 години не беше исплаќано ветеното зголемување од 10% на годишно ниво, така што сега ова најавено зголемување од 5% било само уште еден ефтин и прозирен предизборен политички маркетинг.

„И за минималната плата, и за вработувањето на ранливите категории граѓани – да, мислиме дека се одлични мерки, но само доколку беа системски и континуирани, а не единствената цел да им е предизборно купување на гласови. А за тоа, дали за СДСМ значи нешто фактот што според ЕК Македонија има втор најголем раст на БДП во Европа, еве веднаш ќе ви одговориме  НЕ ЗНАЧИ НИШТО!!! А знаете зошто? Затоа што на народот тоа не му значи ништо. Народот во Македонија во последните 8 години секој ден е се‘ посиромашен, секојдневно му се влошува животниот стандард, секојдневно се иселува од нашата држава и бара подобра иднина во странство, и секојдневно се’ потешко и потешко врзува крај со крај. Наводниот голем раст на БДП треба да го споредите со незадржливиот пад на животниот стандард, со огромниот број на иселени лица, со огромниот процент на невработеност, со катастрофалниот индекс за сиромаштија, со степенот на (не)слободата во медиумите, со релевантните меѓународни ставови за политичките затвореници и со прениското ниво на демократија.“-истакна Гогоска.

Гогоска потсети дека поранешната локална власт вработила 1170 луѓе, без да избрка или без да отстрани од работа ниту еден.

„Вие ветивте дека нема да бркате никого од работа и дека доаѓате на власт за да отворате нови работни места, но до овој момент, колку луѓе ангажиравте работно, толку луѓе, на перфиден начин, ги избркавте или отстранивте од нивните работни места. А доколку сакате и во иднина да одговараме на Вашите нелогични и беспредметни прашања за охриѓани, ќе треба конечено веќе еднаш да излезете во јавност со точна и прецизна спецификација за долговите на Општина Охрид – кој долг колку изнесува, од кога датира, за каква инвестиција е направен, и кога е направен. Тогаш ќе видиме дали ќе можете и понатаму по сто пати да ги повторувате невистините и манипулациите за направените долгови во општинската каса и да се обидувате и понатаму да барате алиби во поранешната локална власт за Вашата неспособност.“– додаде Гогоска.