Нова инвестиција за преработка на бакар почнува во Македонија од страна на украинската команијата „Konstantinovsky Plant of Metallurgical Equipment” (KPME). Прво ќе следат деталните геолошки истражувања на три наоѓалишта, две во Валандово и едно во Старо Нагоричане, Кумановско. Врз основа на почнувањето со експлоатaција на еден од локалитетите, ќе има фабрика каде со процес на електролиза ќе се изработува бакар, катоди, бакарни цевки и жица од бакар.
Ова денеска го соопшти директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, по денешната средба во владата на Република Македонија на менаџментот на компанијата со премиерот Никола Груевски.
„Тие разгледуваа различни локации во Европа, во Јужна Америка и во Африка, но се одлучија за Македонија бидејќи она што планираат да го прават не е само експлоатација на руда, туку истовремено целосна вертикална интеграција на производство на бакар, производство на катоди од бакар, жици и цевки. Потенцијалот за вработување е од 400 до 500 луѓе, врз основа на целиот процес на трите рудници и фабриката, и можност за инвестирање која ќе надмине над 200 милиони долари во следниот период“, рече Мизо.
Целиот процес на истражување, како што додаде, се очекува да заврши до крајот на оваа година, по што ќе следи изградбата на фабриката, која ќе биде во близина на рудникот. Фабриката треба да почне со работа на крајот на 2015 или почетокот на 2016 година. Ваква фабрика досега нема во Македонија, а пласамнот на бакарот ќе биде на светските пазари.
Мизо информира дека оваа инвестиција е резултат на 10-месечна работа, врз основа на контактите од македонскиот амбасадор во Киев.
Генадиј Сичов, заменик-претседател на компанијата информира дека прво ќе направат детални геолошки истражувања на три наоѓалишта за кои добиле концесија, две во Валандово и една во Старо Нагоричане, Кумановско.
„Денес треба да го потпишеме договорот со македонската компанија која ќе ги извршува деталните геолошки истражувања и кон крајот на оваа година да се изгради формата на ова ново претпријатие“, рече Сичов.
Додаде дека по разгледувањето на многу локации низ светот се одлучиле за Македонија поради тоа што тука ја почувствувале најдобрата бизнис инвестициска клима.