Продолжен трендот на интензивна меѓународна активност и соработка на МВР

Во текот на 2013 година, реализирана е интензивна меѓународна активност (билатерална, регионална и мултилатерална соработка) на министерството во насока на остварување на стратешките цели на Република Македонија во областа на внатрешните работи, напредок во евроатланските интеграциони процеси, превенција, унапредување и подигнување на стандардите во работата на министерството, како и справување со транснационалните облици на криминал.

Меѓународната соработка на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, беше интензивирана, зацврстена и конкретизирана со потпишување на:
– нови договори во областа на внатрешните работи од страна на Владата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со: Р.Молдавија и Белгија за полициска соработка;
– спогодби со Р.Косово – за отворање на заеднички граничен премин „Белановце – Станиќ“;
– протоколи со Р.Хрватска за соработка во текот на туристичка сезона и Р.Србија за размена на полициски офицери за време на туристичката сезона;
– меморандуми за соработка со Р.Албанија – за зајакнување на соработката во областа на внатрешната контрола; со Р.Србија во врска со поглавјето 24 од пред пристапните преговори за интегрирање во Европската унија;
– планови за соработка со Федералната служба за контрола на движење на наркотици при Руската федерација;
– писма за согласност со Владата на САД за спроведување на законите меѓу македонската и американската влада;
– други документи -конвенции, деловници и правила за организација и функционирање, стандардни оперативни процедури и слично.

Во рамките на меѓународната соработка беа остварени и бројни средби на министерот за внатрешни работи со ресорни министри на други земји (Хрватска, Србија, Косово, Албанија, Шведска, Финска, Сојузна полиција на Австрија, Сојузна германска полиција Саксонија, Молдавија, Германска сојузна покраина Шлезвиг, Швајцарија, Белгија и Кина), други високи функционери во министерствата на поодделни земји (директор на Федералната канцеларија на Швајцарската Конфедерација, заменик директор за Јавна безбедност на Р.Австрија, државен секретар на Министерството за правда на Кралството Шведска; амбасадорот на САД во Р.Македонија и советник за надворешна политика во Европската команда на армијата на САД), со делегации на ресорни министерства (Висока делегација на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, висока делегација на Република Австрија), со АД Хок и парламентарни делегации (Делегација на Мониторинг – комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа) и со претставници на меѓународни и европски институции (директор на Европската канцеларија за поддршка на азилот; амбасадорот на СР Германија, командантот на силите на КФОР во Косово, со шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР, специјалниот известувач на Обединетите нации за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, со генералниот менаџер на „ВИЗА“).

Исто така, беа остварени средби и на директорот на БЈБ- со австриската министерка за внатрешни работи, со амбасадорот на ОБСЕ во Република Македонија и шефот на одделот за развој на полицијата при ОБСЕ, со директорот за Јавна безбедност на Р.Австрија, со офицерите за врска, односно полициски аташеа на дипломатските претставништва во земјава и генералниот директор на Швајцарската федерална полиција.

Република Македонија, беше домаќин на завршниот проект “Дигитален систем за радио комуникации за потребите на полицијата“, или кусо именуван како ТЕТРА 2, финансиски поддржан од Европската унија, а посветена на напредокот кон максимална покриеност на целата територија на Република Македонија со полициски дигитален радио сигнал кој им служи на сите организациски единици на професионален и безбеден начин и можности за понатамошна надградба за сопствени дополнителни потреби, како и можност за вклучување на други служби за итни интервенции во истиот систем, односно мрежа.

Република Македонија, беше домаќин и на НАТО Конференција за научените лекции од операции и вежби изведени од Евро – атлантскиот центар, каде беа изготвени заклучоци и препораки за улогата на НАТО хуманитарните операции и приоритет на ERDCC за време на итни состојби, активности и задачи на земјите кои се погодени, кои примаат помош и кои даваат помош, цивилно воената соработка и управување со последици од биолошки, хемиски, радиолошки и нуклеарни закани.

Како домаќин, во Република Македонија (5-7 ноември Скопје), се одржа Четвртата регионална конференција на претставници од областа на внатрешната контрола на полициите од регионот, посветена на полициските реформи во делот на отчетноста и надворешниот надзор, како и поврзаноста помеѓу внатрешната контрола и надворешниот надзор.

Исто така, кај нас (14 јуни 2013 година, во Скопје), во рамки на Програма ИПА 2009, компонента 1–транзициона помош и институционална надградба, се одржа промоција на Проектот за јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот, на која беа истакнати главните цели кој што во наредните две години ќе се реализираат: развој на професионалните капацитети на полицијата со гарантирање на целосно почитување на фундаменталните човекови права преку ефикасна и сигурна регулација, како и јакнење на организационите и управувачки капацитети на затворскиот систем со обезбедување на целосна заштита на човековите права во лечење на притворените и осудените лица.

Во текот на годината, реализирано е и учество и настап на меѓународни и регионални конференции, форуми и други работни средби на највисоко ниво, од страна на министерот (Неформален министерски состанок во Даблин, Р.Ирска; Петтата министерска конференција во рамки на т.н. Будимпештански процес посветена на имиграционото партнерство на земјите од “рутата на свилата“; Конференција на министрите за внатрешни работи во рамки на “Брдо Процесот“ во Брдо кај Крањ, Р.Словенија; 30-та Меѓународна конференција за борба против недозволената трговија со дрога во Москва, Русија; Промоцијата на превентивната кампања „Интегриран пристап за превенција на трудовата експлоатација во земјите на потекло и дестинација“, во Скопје; Неформален состанок на министрите за внатрешни работи одржан во Вилнус, Литванија; Министерската конференција на Салцбург Форумот посветена на илегалната миграција; Четвртата регионална конференција “Полициски интегритет, отчетност и надворешен надзор“ во Скопје; Промоција на заштитена веб-страница во рамки на Проектот BORDAIRPOL во Скопје: Меѓународната конференција на IACA – Меѓународна антикорупциска академија, во Банкок, Тајланд; Форумот на ЕУ-Западен Балкан во Будва, Црна Гора), заменик министер (МARRI Форумот во организација на МАRRI Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци и министерството за безбедност на БИХ, во Сараево, Босна и Херцеговина). директорот на БЈБ (Конференција на SEPCA за развојна стратегија, поддржана во рамките на проектот ILECUs; Конференција на SEPCA за развојна стратегија; Меѓународен форум „Технологии за побезбеден свет„; Конференција на Партнерство во безбедноста – градење безбедни и сигурни општества; Меѓународна конференција посветена на “Превенција и сузбивање на транснационалниот организиран криминал во Југоисточна Европа – Конференција на теорија и практика“), како и учество на претставници на МВР на РМ на раководно и експертско ниво на бројни конференции, работни средби и состаноци, семинари, курсеви, работилници, студиски посети и други активности од меѓународен карактер, одржани во Република Македонија и во други земји.

Реализирана е и широка мултилатерална соработка, изразена низ бројни контакти и средби на министерско, раководно и експертско ниво и непосредна соработка со повеќе меѓународни, европски и регионални организации, органи и институции, иницијативи и мисии, по најразлични прашања, при што, и годинава, може да се издвои соработката со: ООН и нејзините специјализирани органи и програми, НАТО, ОБСЕ, Европската Комисија, Советот на Европа, ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ, SECI/SЕLEC – Центарот, ЕUROJUST; МARRI – Регионална иницијатива; DCAF, SEPCA, FRONTECS и други.

Во текот на 2013 година, во Секторот за Европска Унија и меѓународна соработка и во одделенијата во неговиот состав, беше реализирано континуирано ангажирање во насока на подготовка, организација и поддршка на вкупните активностите во рамките на меѓународната соработка на МВР на РМ (изготвување на материјали, координација со релевантните служби во МВР и другите министерства и институции), учество во организација на активности од пошироко значење (форуми, конференции и други активности, одржани во Република Македонија) и координирање и непосредно учество во активностите за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Р Македонија со ЕУ, Оценската мисија на Европската Комисија, ревизијата на Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија во делот за внатрешните работи, имплементацијата на визната либерализација, како и во управувањето со ИПА и другите проекти во Министерството.

Во делот за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, во подготовките пред објавувањето на Извештајот на ЕК за 2012 година, одржан е Десеттиот состанок на Поткомитетот за правда, слобода и безбедност помеѓу Р Македонија и ЕУ во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација (Скопје, 26 и 27 ноември 2012 година), посветен на состојбите во областа на: визната политика; граничното управување; азилот, миграциите и реадмисијата; реформите на полицијата; борбата против организираниот криминал; трговијата со луѓе; борбата против тероризмот; превенцијата од дроги и на други прашања. Одделението за преговори и интеграција во својство на претседавач со овој Поткомитет, во соработка со Секретаријатот за Европски прашања, ги изврши сите неопходни подготовки (материјали, координација со другите учесници) за неговото успешно одржување. Одржан е и Десеттиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација (Брисел, 13 јуни 2013 година) на кој, во конструктивен дијалог со Европската Комисија, беа презентирани достигнувањата на Република Македонија во областа на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, како и идните мерки во насока на надминување на забелешките констатирани во Извештајот на ЕК за напредокот на Р Македонија во 2012 година Одделението за преговори и интеграција учествуваше во подготовката на материјалите, а со излагање во својство на претседавач со Поткомитетот за правда, слобода и безбедност и во работата на состанокот.

Исто така, во соработка со Министерството за правда и Секретаријатот за европски прашања, Одделението за преговори и интеграција ги координираше активностите поврзани со оценска мисија од страна на Европската комисија во областите од Поглавјето 23, Правосудство и фундаментални права и Министерството за внатрешни работи учествуваше во подрачјата Владеење на правото и Фундаментални права.

Во делот за имплементација на визната либерализација, меѓу останатото, реализирано е активно учество во работата на Експертската работна група (составена од претставници на повеќе министерства и претставници на Владата) за преземање на мерки и активностите за спречување и намалување на бројот на неосновани барања на азил во земјите членки на ЕУ, од државјани на Р М. За остварување на овие задачи беа подготвени Акциски планови „Мерки за намалување на барателите на азил од РМ во земјите членки на ЕУ – Шенген“ за периодот април 2011-декември 2013 год., во кои покрај општите мерки за намалување на баратели на азил (идентификација на ризичните подрачја и соработка со амбасадите на земјите членки на ЕУ), се утврдени и конкретни оперативни мерки (идентификација на туристички агенции кои вршат нелегален превоз и злоупотреба на баратели на азил, зајакнување на граничните контроли и др.), спроведување на кампањи за подигнување на јавната свест, како и легислативни (измени во правната регулатива) и социо – економски мерки (зголемување на вработеноста на ромската популација, проекти за подобрување на комуналната инфраструктура и домувањето на социјално ранливите групи). Работна група учествуваше во реализацијата и го следеше спроведувањето на овие мерки и во согласност со потпишаната Декларација доставуваше извештаи до Европската комисија.

Во делот за управувањето со средствата на ИПА и другите проекти имплементирани во МВР, покрај подготовката на Секторско проектно фише за ИПА-2012/2013 („Секторски план за поддршка во областа на право и внатрешни работи“), директното вклучување на Министерството во процесот на програмирање (нов пристап на претстојниот програмски циклус на ИПА 2012-2013) и подготовка на Мулти – индикативен планирачки документ (2011-2013), активностите беа насочени кон: техничката имплементација на неколку проекти од ИПА-2009 („Градење на капацитети на институциите кои го спроведуваат законот за правичен третман на задржани и приведени лица“, „Поддршка за реформа на полицијата и кривичното право“, „Интегрирано гранично управување“); координирање на активностите за спроведување на неколку проекти од ИПА 2007 и 2008 („Поддршка на развојот на полицијата“, „Интегрирано гранично управување – Компонента 2 “); следење и поддршка на проектите во имплементација („Стратегија за полициски реформи“, „Интегрирано гранично управување“); координирање на реализацијата на проектите во рамките на ИПА повеќе корисничката – регионална програма („ИПА 2008-Полициска соработка: Борба против организираниот криминал, со посебен акцент на илегалната трговија со дрога и превенција од тероризам“, „ИПА 2009 – Соработка во областа на кривичното право: заштита на сведоци во борбата против сериозниот криминал и тероризмот“, „ИПА 2010 – Зајакнување на капацитетите за борба против компјутерскиот криминал“); реализација на проектите во рамките на билатералната соработка со поодделни земји (Кралство Норвешка-„Интегрирана база за странци“; Кралство Холандија – „Градење на капацитети за гранична полиција“;) и на проекти финансирани од страна на Европската Комисија („COMPOSITE“- Компаративни истражувања за полицијата во ЕУ“), односно TAIEX – инструментот на ЕУ за краткорочна помош, со кој на МВР во 2013 година му беа одобрени повеќе студиски посети, работилници и експертски мисии.