Ќе се легализираат кајчињата во државата

Над 200 чамци кои се користат на езерата во државава, а не се впишани во регистарот на пловни објекти, ќе може да се легализираат до 3 септември годинава.

Ова е овозможено со измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба што усвоени од страна на Собранието на Република Македонија.

„Станува збор за стари пловни објекти кои долго време се користат, но не биле регистрирани. Со пропишаните законски мерки конечно ќе се овозможи нивно регистрирање што ќе придонесе кон дополнително зголемување на безбедноста во внатрешната пловидба“, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција.

Тој очекува дека оваа мерка ќе овозможи сите пловни објекти на територијата на Македонија да се легализираат и да добијат сопственост.

Легализацијата ќе се врши со поднесување на предлог за легализација до надлежниот суд според местото каде што се наоѓа живеалиштето на сопственикот на тој пловен објект.

По поднесениот предлог за легализација, судот во рок од три дена треба да ја извести Капетанијата на пристаништа со барање во рок од 24 часа да ја информира јавноста и заинтересираните лица за поднесениот предлог. Доколку во рок од 30 дена не се јави друг сопственик на пловниот објект, ќе се донесе решение за негова легализација, а ако се јави друг сопственик на пловниот објект тогаш сопствениците ќе бидат упатени на парнична постапка.

Капетанот на Капетанијата Горан Устијаноски појасни дека утврдувањето на сопственичкото право над определен чамец, не мора да биде пропратено со утврдување на неговата техничка исправност.

„Некој граѓанин од било која побуда може да изврши само утврдување на неговото сопственичко право. Тој можеби нема потреба да плови, но сака да знае дека чамецот е негов. Доколку има желба и потреба чамецот да биде технички прегледан, тогаш со доказот за сопственост, доаѓа кај нас и ние вршиме технички преглед дали тој чамец е способен за пловидба“, нагласи Устијаноски.

Во Македонија досега се регистрирани над 1.200 пловни објекти од кои 400 до 500 се во пловна состојба. Над 200 чамци не се регистрирани.