Во текот на 9-тата недела од 2014 година (од 24.02.2014 – 02.03.2014 година), во Република Македонија се пријавени 3.277 (МБ 15,95/10.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што намалувње од 17,5% во однос на минатата недела. Заболени се пријавени од 29 извештајни единици (од вкупно 31).
Во споредба со бројот на заболени во 9-тата недела од минатата сезона (2.252), се бележи зголемување за 45,5%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 1.518, се регистрира зголемување за 2,2 пати.
Во сезоната 2013/2014 (од 40 недела, 2013 заклучно со 9-тата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 22.159 (МБ 107,8/10.000).
Во споредба со истиот период од минатата година (15.939 заболени), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи во сезоната за 39%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (15.198) се регистрира зголемување за 45,8%.
Во текот на 9-тата недела се регистрирани три смртни случаи со лабораториски потврдена инфекција со вирусот на грип (два со инфлуенца А и еден со инфлуенца Б), со што вкупниот број на смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип во оваа сезона се покачи на 10. Првиот смртен случај во изминатата недела е маж на 63-годишна возраст, вториот случај е маж на 47-годишна возраст од Скопје, а третиот е маж на 60-годишна возраст од Струмица. Трите починати лица се со коморбидитети (бронхопневмонија, дијабетес, хронична срцева слабост, акутна бубрежна слабост, ХТА). Починатите не биле вакцинирани против сезонски грип.
Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени во сите 31 извештајни единици, а само во 1 од (Свети Николе) нив бројот на регистрирани заболени лица е помал од 10.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува на тоа дека во месец февруари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 14.381 или 64,9% од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во месец јануари, регистрирани се 6.801 случај или 30,7%.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 3.392 заболени и ПЕ Кавадарци – 2.915, а најголем морбидитет (675,5/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 14.467 случаи (65,3%), а најголем МБ (191,5/10.000) е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 9-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 18 материјали за тестирање на грип, од кои 15 биле позитивни и тоа: 8 се инфлуенца А/H3N2 вируси, 5 се нетипизирани инфлуенца А вируси, а 2 се инфлуенца Б вируси.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 157 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 97 или 61,8% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 87 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (89,7%), а кај 10 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (10,3%). Од инфлуенца А позитивните, 8 или 9,2% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 27 материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2 (31%), а 52 се нетипизирани инфлуенца А вируси (59,8%).
Активноста на вирусот на инфлуенца почнува да се намалува, иако бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија се одржува на високо ниво.
Се очекува продолжување на трендот на намалување на активноста на вирусот на грип и во следниот период.
Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.
Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 8-мата недела, зголемено е пријавувањето на лица со заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI), во централните, северните и источните делови од Европскиот регион на СЗО, а забележано е намалување во јужните делови. Според амбулантскиот, но и според надзорот над болниците, продолжи заедничката циркулација и на двата типа, инфлуенца A(H1N1)pdm09 и A(H3N2), со доминација на A(H1N1)pdm09 во северна Европа, а A(H3N2) е доминантен тип во повеќето земји од источна Европа.
Во текот на 8-мата недела биле тестирани 15.591 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI) и тешки акутни респираторни инфекции (SARI). Од нив, 22% биле позитивни за грип, од кои 97% на influenza A, а само 3% на influenza B вирусот.
Од почетокот на сезоната (40 недела/2013), типизирани се 23.164 примероци на грип. Од нив, 96% се типизирани како influenza A и 4% како influenza B. Од influenza A типизираните наоди, 16.029 се субтипизирани – од нив 62% се A(H1N1)pdm09 и 38% се A(H3N2). Субтипизирани се и 100 influenza B вируси, од кои 91% се B/Yamagata и 9% се B/Victoria.
До крајот на 8-мата недела, 29 земји пријавиле доминатен инфлуенца вирус (инфлуенца А) за оваа сезона, додека пак од земјите кои даваат податоци за субтипизација – Ерменија, Грузија, Германија, Ирска, Италија, Холандија, Луксембург, Молдавија, Словенија и Украина пријавиле дека доминатен сој е А(H3N2); во Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Грција, Исланд, Казакстан, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство (Велс) доминира А(H1N1)pdm09, а Албанија, Белгија, Франција, Латвија, Русија и Швајцарија пријавиле кодоминантост помеѓу овие два соеви.
Во текот на 8-мата недела, повеќето европски земји пријавиле низок интензитет на активноста на вирусот на грип, со сé помалку земји кои пријавуваат тренд на пораст. Што се однесува до географската распространетост, воглавно таа е спорадична или широко распространета.
Стапките на ILI и ARI се стабилизираа во осмата недела, а во најголемиот дел од 22-те земји кои воспоставиле национални епидемиолошки прагови, ги достигнаа или надминаа тие прагови. Сепак стапките опаднаа во јужните делови од регионот.
Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) благо се зголеми во последната недела, како резултат на зголемената активност на вирусот во источните делови од регионот. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години.
Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 3.024 хоспитализација на лабораториски позитивни за грип пациенти: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B.
Седум земји пријавиле вкупно 254 смртни случаи, сите поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 82% – A(H1)pdm09 и 18% – A(H3)).