Дали локалните самоуправи во Охрид, Струга, Вевчани и Кичево работат транспарентно и отчетно и дали во нивното функционирање има коруптивни елементи ќе покажат резултатите од „ЛОТОС студијата“ која ќе се изготвува во рамки на проектот „Размена на најдобрите практики од ЕУ за следење и спречување на корупцијата на локално ниво“ што го спроведува „Локалната агенција за развој“ од Струга во партнерство со „Центарот за истражување и креирање политики (CRPM)“ од Скопје.
„Главна цел на проектот е да се промовираат и поттикнат практиките за антикорупција и добро владеење на локално ниво што ќе обезбеди одржлива средина за социјален, економски и еколошки развој. Со спроведувањето на овој проект се очекува да се подигне нивото на свесност и специфично знаење на граѓанското општество и да се изградат капацитети за следење на корупцијата на локално ниво“, вели Јасминка Поповска директор на „Локалната агенција за развој“ од Струга.
Активностите од овој проект се инспирирани од искуството на хрватската невладина организација „ГОНГ“, која преку проектот „ЛОТУС“ успеала да се позиционира како активен граѓански чувар на принципите за транспарентност и одговорност на локалната самоуправа.
„За да се запознаеме подетално со применетата методологија во Хрватска пред околу две недели бевме во студиска посета на Загреб. Искуствата кои ги собравме од таму ќе ни помогнат да ја дефинираме методолошката рамка за потребите на нашата „ЛОТОС студија“ и начинот на кој ќе го спроведуваме целокупното истражување за транспарентност и отчетност на локално ниво кај нас“, вели Елена Михајловска, која ќе го води истражувањето во Југозападниот регион на Македонија.
Освен Охрид, Струга, Вевчани и Кичево во рамки на проектот, кој е финансиран од Европската Унија ќе бидат опфатени и општини од останатите плански региони во Република Македонија. Покрај граѓанскиот сектор во реализација проектните активности вклучени се и ЗЕЛС, Министерството за локална самоуправа и националните антикорупциски тела.