Спасов: Во Македонија има услови за оформување на социјалното претприемништво

„Улогата на државата во функционирањето и развојот на социјалното претприемништво е многу важна и како Влада веќе направивме одредени анализи и споредби на искуства од европските земји, кои би помогнале во фазата на изработка на законска регулатива“, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој имаше свое обраќање на работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици“, која се одржа во рамките на проектот Техничка поддршка на граѓанските организации – ТАКСО.
 
Во Република Македонија, додаде тој, постојат услови и можности за оформување на социјално претприемништво како модел за постигнување на социјалната инклузија и за вработување на одредени социјални групи, но и за поттикнување на иновации за да се постигне целосна еднаквост на лица или групи кои имаат значително неповолна положба во однос на другите граѓани.
 
„Може да се заклучи дека социјалното претприемништво во Република Македонија може да функционира како концепт кој ги обединува желбите за решавање на социјалните проблеми, а тоа е значаен чекор во развојот на хумано и толерантно општество за поквалитетни социо-економски односи. Со партнерски сооднос на јавниот, приватниот и невладиниот сектор може да се постигне усогласено дејствување за развој на социјалното претприемништво“, рече Спасов.
 
Денешната работилница има за цел да стимулира дебата и активности на национално ниво во врска со развојот на социјалното претприемништво, а целта е да се дискутира за регулатива, политичките мерки, стратешките опции и предизвиците за социјалното претприемништво за да се дојде до препораки за создавање поволна средина за социјалните претпријатија.
 
Зоран Стојковски, извршен директор на Центарот за институционален развој, истакна дека од седум до 10 проценти од вработените, зависно за која држава од ЕУ станува збор се вработени во социјални претпријатија, а според него најинтересен е примерот со Велика Британија каде има над 70.000 социјални претпријатија.
 
„Концептот на социјално претприемништво, кој како терминологија е релативно нов во Македонија, постои со децении како активност. Социјалното претпријатие всушност го зема бизнис-моделот, економска активност и правење бизнис, но со социјална цел. Добивката не се наменува за профит односно за добивка на сопственикот, туку во основа се враќа назад во социјалното претпријатие каде што најчесто се вработени претставници на маргинализирани групи, невработени, млади, лица со хендикеп, со некаков тежок социјален статус. Најчесто се работи за лица коишто работодавачите не ги препознаваат на пазарот, односно не ги вработуваат, како што се да речеме поранешни штитеници во КП-домови или, пак, поранешни криминалци, луѓе кои злоупотребувале алкохол, дроги…“, изјави Стојковски.
 
Околу 10 проценти од компаниите во ЕУ спаѓаат во делот на социјалните претпријатија.
 
„Со оваа иницијатива и особено со законот за социјално претприемништво, кој го работиме со Министерството за труд и социјална политика се обидуваме всушност да се изедначиме и од аспект на терминологија, на форми, на поддршка со останатите држави од ЕУ. Во Србија се работи на донесување на закон за социјално претприемништво, во Хрватска се носи програма за социјално претприемништво, во Словенија во 2011 година е донесен ваков закон“, изјави Стојковски, додавајќи дека, генерално, во оваа сфера се изедначуваме со земјите од ЕУ.
 
Работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици“ е организирана во рамките на програмата „Луѓе за луѓе“ во соработка со Делегацијата на ЕУ во земјата и со претставници од пет граѓански организации кои со поддршка на проектот ТАКСО во јануари учествуваа на конференции за социјално претприемништво во Стразбур.