Евиденциите од МВР се предадени на ДИК, издадени 1.934.323 лични карти

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска имаше координација со надлежните од управните служби во пресрет на претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори, а со оглед на тоа што се појавува ситуација кога на истиот ден за гласање граѓаните ќе ги има на два избирачки списоци, кои во одредени делови може и да се разликуваат заради различниот датум на пресек.

Во таа смисла, нагласи Јанкулоска, на денешната средба била информирана дека евиденциите на начин како што тоа го бараат законските прописи, со пресечен момент согласно Изборниот законик, се веќе доставени до Државната изборна комисија и за претседателските и за парламетнарните избори. Се очекува дека ДИК врз основа на релевантните податоци од надлежните институции да излезе со финалните избирачки списоци.

„По однос на евиденциите што ги води МВР, констатиравме дека досега вкупно се издадени 1.934.323 лични карти, важечки документи  односно 1.857.909 патни исправи. Бројката на лица за кои постои запис во нашите евиденции дека се државјани на Република Македонија, а немаат биометриски документ е 124.962“, изјави министерката Јанкулоска.

Карактеристично за овие избори, според неа, е тоа што замената на документите започна во 2007 година, а во меѓувреме дел од издадените документи ја изгубиле својата важност заради истек на рокот.

„Таквата бројка на документи е 12.255. Ова се граѓани кои уредно ги има во сите евиденции, но доколку сакаат да го остварат своето избирачко право, ќе мора да ги обноват документите односно да имаат важечки биометриски документи“, појасни министерката за внатрешни работи.

Таа информира дека во периодот до изборите, сите документи ќе се разгледуваат во брза постапка односно веднаш ќе се одобруваат и изработуваат, со цел да им се излезе во пресрет на колку што е можно поголем број граѓани.