ВМРО-НП: Имаме секојдневно зголемување на монополот на ЕВН кон граѓаните, но и кон фирмите на кои што им е потребно

ВМРО – Народна партија Охрид, на денешната прес-конференција реагираше за еден од последните монополи во Р.Македонија – ЕВН Македонија и односот на Владата на Р.М. кон оваа фирма.

„Нашата цел е наместо да имаме една либерализација на односите, односно меѓу граѓаните и старото ЕСМ со доаѓањето на ЕВН, ние имаме зголемување секојдневно на монополот на оваа фирма према општите граѓани, но и према оние фирми на кои што им е  потребна соработка со оваа фирма. Имено, денес за приклучок на електрична енергија се плаќа 500 евра во градско населено подрачје, а да е парадоксот поголем, во селските средини каде што треба да има олеснувања заради изградба на нови куќи или нови објекти, се плаќа од 1500 до 1600 евра за приклучок на електрична енергија на ново-изградена куќа“, – истакна претседателот на ОК на ВМРО – Народна партија Охрид, Ванчо Костоски.

 Според Костоски, во селата ако не е легализирана куќата воопшто не може да се приклучи електрична енергија и да се плати.

„Нажалост, ние повеќе пати имавме интервенции по одредени наши врски до Владата на Р.М. меѓутоа еве и сега јавно кажуваме дека не може да не се дава приклучок на една куќа некој што ќе се осмели во  овие тешки моменти да направи во селата што немало легализација, односно што немало урбанизација. Во овој момент имате стотици куќи кои не можат да се приклучат кои што се изградени во овој период, немаат потегнато за легализација и не можат да приклучат електрична енергија“, – рече Костоски и додаде дека процедурата за добивање на приклучок трае некаде три до четири месеци.

„Поради големите административни мерки кои ги презема ЕВН, барањето на голем број документи, па потоа до нивната администрација до Скопје, па враќање одговори, па најпосле тие имаат некои градежни фирми кои на тендер ги имаат добиено за изведување на ископи и други работи, па дури стигнете на ред, најмалку 3-4 месеци ви требаат од поднесувањето, за да стигнете до приклучок. Сега има едно правило кај нив во ЕВН кое народот уште не го знае, ако неколку месеци немате потрошено електрична енергија имаат право и да ви го одземат броилото. Мислиме дека овој монопол не го заслужуваат граѓаните на Охрид и на Р.Македонија и дека после 27 април на една од владините седници на која ќе учествува и ВМРО-НП ќе дојде до изедначување на цените и во село и во град да бидат исти, ќе дојде и до големо олеснување во прописите да се стигне до електричен приклучок, на задоволство од граѓаните, но не и на штета на ЕВН и Р. Македонија. Може многу да се забрза само ако се има добра волја“, – заврши Костоски.

WebOhrid