Ќе се отвораат нови паралелки во фудбал, кошарка и ракомет во други градови низ државата, најави министерот за образование и наука Спиро Ристовски при денешната посета на учениците-фудбалери од Спортската академија.
„Задоволен сум од сериозноста во пристапот кој што го има ФФМ како еден од основните столбови во процесот на креирање на македонски таленти и репрезентативци во спортската академија. Во првата година од овој проект 105 ученици беа дел од овој проект, а во втората 106.Во рамките на плановите за следниот период кои ги имаме како Влада, на средбата на премиерот Никола Груевски со неколку градоначалници, најавивме дисперзирање, односно отворање на 6-7 нови паралелки во разни градови како Штип, Битола, Гостивар, Охрид, Прилеп, Струмица и се во насока на приближување на спортската академија до талентите во нивните матични градови со оглед на фактот што станува збор за релативно млада популација“, рече Ристовски.
Министерот истакна дека повеќе од 70-80 проценти од учениците во Спортската академија се носители во своите репрезентациии, затоа Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија и натаму ќе вложуваат во развивањето на спортскиот дух и во подигнувањето на училишниот спорт на потребното ниво.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески додаде дека благодарение на Спортската академија Македонија ќе добие врвни спортисти.
„Спортската академија е исклучително важен и успешен проект на Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт. Пред се Македонија добива сериозен модел на врвен спортист кој ќе биде препознатлив по начинот на игра. Во моментов во академијата учествуваат две категории ученици во четири спортови фудбал, кошарка, ракомет и тенис“, рече Спасески.