Фудбалската паралелка од спортската академија – пример за успешен проект

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски оствари работна средба со министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Маријан Спасевски. На средбата во „Куќата на фудбалот“ разговараа за начинот на кој функционира и работи фудбалската паралелка од Спортската академија.

Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски ја презентираше програмата за работа на фудбалската академија и изрази задоволство од насоката во која се движат младите фудбалери, посебно истакнувајќи ги информациите дека околу 80 отсто од учениците се носители на генерациите во кои настапуваат.

„Во фаза сме на набавка на мерни инструменти со кои ќе има комплетен увид во тренинзите и како истите влијаат на здравјето на фудбалерите и нивната отпорност. Продолжуваме со напорна работа, а главната цел е да се бележат резултати и да се подигне квалитетот“, истакна Ѓорѓиоски.

„За две години од постоењето на фудбалската паралелка од Спортската академија се евидентирани успеси од 105 фудбалери запишани во првата и 106 во втората година. Поради овие успеси Владата најави дисперзирани паралелки во различни градови за Спортската академија да се приближи до талентите во ширум земјата“, истакна Ристовски.