Со неверување македонската јавност ја прими веста за загинувањето на директорот на фудбалската репрезентација Петар Милошевски кој го загуби животот синоќа во стравична сообраќајна несреќа во близината на Куманово.
Според информациите Милошевски со претседателот Ѓорѓиоски и со уште две лица, возачот Зоран З. и вработената во федерацијата Рахила А., кои биле во возилото марка „Пежо“ се судриле со џип, а судирот бил фатален за поранешниот голман, додека првиот човек на федерацијата, кој управувал со возилото, се здоби со скршеница на раката.
По веста на „Телеграф“ истата беше како лавина пренесена не само во земјава, туку и во странство. Голем „шок“ и неверување владее и во куќата на фудбалот, па така во зградата на ФФМ веќе почнаа да пристигнуваат пријатели и блиски соработници. Меѓу нив и Ѓоко Хаџиевски, екс селекторот на Македонија и човекот кој го „создаде“ Петар Милошевски во Пелистер, Вардар и во националниот тим.
Федерацијата ги презема комплетната организација околу погребот кој ќе се одржи во Скопје, и покрај тоа што Петар Милошевски е од Битола. Најновите информации велат дека истиот ќе биде во недела во 11 часот на градските гробишта Бутел а во наредните неколку часови треба да пристигне информациите околу одложување на сите фудбалски активности во земјава за викендов.
По „Телеграф“ и „Македонски спорт“ стигна до првите реакции на фудбалерите кои настапуваат во странство и кои бараат информации за трагичниот настан.
Горан Пандев:
– Се разбудив подоцна поради синоќешниот настап во Португалија и не можев да поверувам. На телефонот премногу пораки и сите со иста содржина околу трагичната смрт на Петар Милошевски. Јас не можам да верувам. Сеуште сум во голем шок дека вакво нешто може да му се случи на човек како Петар. Ова е голема загуба за неговата фамилија и неговите деца а потоа и на македонскиот фудбал. Нека почива во мир.
Горан Попов:
– Дали е ова можно? Не ми се верува! Петар Милошевски, најмирниот, најпобожниот и најпримерниот фудбалер кој го имала Македонија. По дуелот со Летонија како никогаш до сега со Петар седевме цели два часа во фоајето на хотелот и како никогаш досега пиевме пиво и отворено зборувавме за репрезентацијата и за плановите. Само неколку денови потоа се случува оваа трагедија. Не ми се верува…
Томе Пачовски:
– Премногу сум вознемирен, тажен… Во моментов немам зборови.
извор: Македонски Спорт