Општина: СДСМ конечно призна дека градоначалникот Бакрачески и Локалната самоуправа вредно работат за доброто на Охрид

Во врска со денешното соопштение од ОО на СДСМ Охрид, Општина Охрид испрати реакција во која стои:

„Почитувани Социјал демократи, многу е добро што конечно јавно признавте дека новото локално раководство и градоначалникот Никола Бакрачески  во периодот откако се на власт  неуморно  работат за доброто на Охрид и охриѓани.

Во  изминативе 11 месеци, новата локална гарнитура ги плаќа долговите кои вие сте ги направиле, односно прави напори за  санирање на финансиската  дупка од 33 милиони евра а  паралелно на  тоа се работи  на  стабилизација на јавните  претпријатија  кои исто така ги оставивте во ужасна финансиска состојба.Досега, општината преку својот буџет  до нив трансферира над 41 милион денари, а во насока на непречено функционирање на образовните институции кои  ги оставивте со блокирани сметки само во 2013 година вложени се  околу 16 милиони денари. Тековно се сервисираат сите обврски на општината а дополнително е намален општинскиот долг за околу 45 милиони денари.

Е сега, редно е уште еднаш да ве потсетиме на инфра -структурните зафати кои ги реализиравме минатиов период во континуитет . Асфалтирани се улиците: “Радојца Новичиќ“, “Крум Точко“, “Петрино“, “Богомилска“, “Сирма Војвода“, “АСНОМ“ и дел од “Јане Сандански“. Целосно се асфалтирани улиците во село Косел  во должина од 1 000 метри и површина од3.000 метри а изграден е  и патот  од село Вапила до Сирула во должина од 1 700 метри и нов пат во должина од  2. 700 метри.  Покрај асфалтирањето на дел од патиштата  поставена е и нова водоводна, атмосферска и канализациона мрежа. Селото Долно Лакочереј е приклучено кон канализациониот систем. Изграден е  мал плоштад кај некогашниот објект на градската библиотека а Охрид доби и уреден градски влез. Во тек се активностите за средување на старото градско јадро каде се уредуваат улиците и се оплеменуваат  јавните површини. Нов лик добива и населбата Канео.

Ако свесно и намерно сте   заборавиле да ве потсетиме  дека во тек се проектите за изградба  на  хотел од брендот“Small Luxury hotels”,  „Ски центар на Галичица“, изградба на модерна марина, современ затворен пазар. Во тек се и  проектите  за изградба на затворениот пливачки базен, фудбалскиот терен со вештачка трева и многу други.

Да ве потсетиме и на намалените давачки за паркинг,   активностите околу решавањето на  проблемите со „дивите“ чекачи на туристи, за решавањето на наплатата на туристичката такса, за креативноста во водењето на туризмот со „Лето 2013“ и „Бела ноќ“ како и  за мерките кои се презедоа во полза на хотелско – ресторанскиот еснаф.

Дали и по ова, повторно ќе  пласирате неиздржани и во најмала мера смешни соопштенија  за јавноста во  чија содржина верувате само вие? Дали и по ова ќе речете дека   вакви  сериозни проекти од различни сфери  можат да се  направат  само  во предизборен период? 

Господа  од СДСМ,  во овој 11 месечен период новата локална гарнитура сработи многу повеќе од она што вие сте го сработиле за цели 8 години колку што бевте на власт во Охрид. Отчетот на градоначалникот Бакрачески  во кој се содржани  само дел од неговите  активности а кој е јавно достапен за сите охриѓани  е доволна потврда за неговото  транспарентно  и вредно работење во континуитет.

Отчетноста за вас е мисловна именка и затоа ви е чудно кога некој работи отчетно и транспарентно. Граѓаните на Охрид заслужуваат да знаат како работи нивниот градоначалник и затоа тие редовно ќе бидат информирани за се.

Охрид, никогаш повеќе нема да трпи импровизации!“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.