Детските градинки заинтересирани за унапредување на системите за безбедност на храната

Со над триесеттина претставници од кујните од детските градинки и компаниите кои вршат кетеринг услуги, во Агенцијата за храна и ветеринарство се одржа четвртата работилница за интензивирање на имплементацијата на HACCP системот за безбедност на храната во угостителските објекти и кујните на детските градинки и училиштата. Како што објасни Лидија Дамевска, раководител на Одделение за безбедност на храна од неживотинско потекло, станува збор за активности кои неодамна почна да ги реализира Агенцијата за храна и ветеринарство како дел од Акциониот план за интензивирање на имплементација на системите за безбедност на храната во угостителството и во детските и кујните на училиштата со цел создавање услови за производство, подготовка и послужување на безбедна храна во нив. Во финална фаза е изработката на Водич за имплементација на HACCP во угостителските објекти кој Агенцијата го подготвува во соработка со Здружението на хотелиери – ХОТАМ.

 Како што беше истакнато од страна на државниот советник за храна Светлана Колариќ на презентацијата на основите на HACCP, иако на прв поглед делува застрашувачки водењето на записи за сите преземени чекори почнувајќи од набавката на суровини, подготовката и послужувањето на храната, тоа се основите на кои треба да почива правилната имплеметација на HACCP. Важно е исполнувањето на предусловните програми за да може навреме да се детектираат и критичките контролни точки.

„Кога станува збор за воспоставување на безбедносните системи за контрола на храната во детските градинки, како што беше истакнато, од исклучителна важност е не само да се обрне внимание на подготовката и на послужувањето на храната, туку и на набавката на суровините. Важно е да се исполнат и сите безбедносни услови кои се однесуваат на складирањето на суровините, чувањето и дистрибуцијата на подготвената храна. Евиденцијата за контролните точки овозможува да се провери дали мерките за безбедност на храна се адекватни и дали истите функционираат, а тие се однесуваат на одобрените добавувачи, на набавките, евидентирањето на температурата, чистењето, како и евиденцијата на контролата на штетници, корективните акции и онаа која се однесува на обуката на персоналот“ – рече таа.

За да се обезбеди следливост, како што беше потенцирано, неминовно е водењето на записи, но и нивно чување најмалку 2 години.

Петтата работилница за интензивирање на HACCP во угостителските објекти и кујните на градинките и училиштата според дефинираното во Акциониот план, ќе се одржи во понеделник 17.03.2014 година од 11 до 13 часот во Општина Штип.