Oдбележани 145 години од раѓањето и 85 години од смртта на Васил Главинов

Во родната куќа на Васил Главинов во стариот дел на Велес, денеска беа одбележани 145 години од раѓањето и 85 години од неговата смрт.

Учениците од ООУ „Васил Главинов“ изведоа драмска програма со историски настани и случувања поврзани со животот и работата на Васил Главинов. На свеченоста присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот Славчо Чадиев.

Министерката потсети дека Васил Главинов бил голем борец за работничките права и за достоинствен живот.

„Денешното чествување на делото на Главинов е нова можност да се потсетиме и на слободарските идеали на големите македонски дејци за национална и социјална слобода, како Гоце Делчев, Дамјан Груев, Веле Марков, кои заедно со Главинов ги поставија цврстите темели на слободната македонска држава во која денес живееме“, рече Канческа-Милевска.

Македонскиот народ, како што истакна, од секогаш знаел да се однесува со пиетет кон светлите ликови од сопствената историја.

„Затоа и родната куќа на Васил Главинов во која денес се наоѓаме, уште долго ќе биде место во кое генерациите што доаѓаат, ќе се инспирираат од неговото дело, прераскажувајки ги вистинитите приказни за  посветеноста и беспоштедната борба за социјална правда и човечко достоинство“, рече Канческа-Милевска.

Најави дека Министерството за култура издвоило средства од буџетот за 2014 година за откуп на преостанатиот дел од родната куќата на Васил Главинов.

„По завршувањето на потребната реконструкција и уредување на просторот, Министерството за култура ќе ја  отстапи куќата на Васил Главинов на општина Велес. Убедена сум дека по примерот на куќата на Џинот, Рацин и куќата на  Касапови, таа ќе го изнајде вистинскиот начин, да ја облагороди со содржини и   во полн нејзин сјај да  ја отвори пред граѓаните на Велес и Република Македонија“, потенцира Канческа-Милевска.

Родната куќата на Васил Главинов е изградена во средината на 19 век. Во 1968 година делумно е откупена од страна на државата, а една година подоцна, на 60-годишнината од неговата смрт е адаптирана во музеј и отворена за првите посетители. По опожарувањето во 1972 година, беа потребни цели седум  години за да биде реконструирана и повторно отворена за посетители во 1979 година. Дваесет години подоцна, во 2009 година од страна на Народниот Музеј во Велес, изработена е кратка тематска поставка за животот и делото на Васил Главинов која постои и денес.

Таа најави дека годинава со средства од Министертсвото за култура ќе бидат обновени уште неколку куќи од некогашното старо градско јадро на Велес, лоцирани на улицата „Јован Алабаков“, на левата страна од Велес.

Чадиев потенцира дека општината прави напори за заживување на спомен-куќата на првиот социјалист и водач на работничкото движење, Васил Главинов, кој по професија бил столар. Затоа секое лето, посочи тој, со основците од градот се организира столарска работилница.