Продавал и марихуана и хашишово масло

СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога, со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје ќе го предаде Д.Ј. (24) од Скопје, поради основано сомневање дека сторил кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

Пријавениот во текот на минатата година, од засега непознато лице од Албанија, купил неодредена количина на марихуана, која, дел ја препакувал за улична продажба и ја продавал на зависници од Скопје, а дел во посебно направен сад ја преработувал во хашишово масло, кое како наркотична дрога е појака од марихуаната и предизвикува силна еуфорична состојба кај зависниците. Продажбата на дрогата, најчесто ја вршел од својот дом, како и со своето возило, разнесувајќи ја на претходно договорени места на подрачјето на градот.

ЕНТДО-СВР Скопје, по добиеното сознание дека пријавениот и покрај тоа што во 2009 година е кривично пријавен за недозволена трговија со хероин, се уште се занимава со недозволена трговија, превзеде интензивни оперативно тактички мерки и активности за обезбедување на материјални докази, при што вчера (18. 03.), со наредба од Судија на претходна постапка, од страна на полициски службеници од Единицата, извршен е претрес во домот на Д.J. каде што се пронајдени и одземени околу 11 килограми марихуана и 12 шишиња од по 1,2 литри хашишово масло, две ваги и еден сад за дестилација. Целокупниот пронајден материјал од извршениот претрес е одземен и предаден за вештачење.