НАСА: Наскоро ќе дојде крајот на светот

Како и Римското царство и цивилизацијата на Маите пред нас, модерниот индустриски свет каков што го познаваме денес, исто така би можел да исчезне, се истакнува во истражувањето на Центарот за вселенски летови од Американската вселенска агенција (НАСА).

И во минатото постоеле различни теории за крајот на светот, но овој пат „неповратниот слом“ на индустриската цивилизација го најавуваат сериозни научници кои своите истражувања ги темелат врз моделот HANDY (Human and Natural Dynamical).

Проектот кој го предводел математичарот Сафа Мотешари ги идентификувал елементите кои довеле до исчезнување на древните цивилизации а тоа се: население, клима, вода, земјоделство и енергија.

Кога со комбинирање на тие фактори се генерираат круцијални општествени функции, тогаш неминовно доаѓа до слом, наведуваат научниците.

„Недостигот на ресурси предизвикан со притисок на екологијата и економската стратификација на богати и сиромашни, отсекогаш имале централна улога во процесот на распаѓање. Барем така било во последните пет илјади години“, се наведува во истражувањето чии резултати ги пренесува британскиот Guardian.

„Процесот на развој и пропаст е циклус кој се повторува во историјата“, се наведува во текстот кој ќе биде објавен во списанието Ecological Economics. Имено, експлоатацијата на неодржливи ресурси, нееднаквата распределба на богатството и прекумерното трошење на ресурсите би можеле да доведат до колапс на индустриското општество во рок од само неколку децении, предупредуваат научниците на НАСА.

За да се избегне катастрофата, експертите препорачуваат намалување на економските нееднаквости за да се обезбеди праведно распределување на ресурсите, штедење на ресурсите, како и намалување на растот на населението во светот.

Извор: Нет Прес